Со директни авио – линии до поголем број странски туристи

Охрид станува дел од светската туристичка мапа. Воспоставувањето на двете редовни авио- лини Охрид- Базел и Охрид – Лондон и обратно кои стартуваат од 1-ви јули годинава, се доволна потврда дека вродија со плод заложбите на општина Охрид за туристички и локален економски раст и развој на градот.

Наредните денови со потпишување на договор ќе се официјализира воспоставувањето на директната авио линија Охрид- Лондон и обратно. Компанијата „Виз Ер“ ќе оперира до лондонскиот аеродром и таа согласно условите во тендерот е обврзана да го промовира Охрид низ Светот и да донесе одреден број странски туристи кај нас.

„Еден дел од товарот за промоција на Охрид го има и самата авио компанија. Таа има обврска да донесе одреден број на туристи. Субвенционирањето се однесува на слетување на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ што подразбира дека таа ја сноси одговорноста за носење на одреден број на гости во Охрид. Таа бројка на гости е солидна за почеток односно во текот на овие неколку години. Компанијата „Виз Ер“ исто така има обврска во своите промотивни каталози кои ги има во авионите кои летаат на различни дестинации низ Светов да го вметне и Охрид . Сметам дека ова е еден сосем поинаков квалитет во пристапот на маркетинг стратегијата за развој на туризмот која што во иднина ќе донесе резултати. Бројот на англиски туристи кои се очекуваат во Охрид би бил солидна основа за презентација на охридската туристичка понуда односно охридското културно богатство на англискиот пазар,“ посочи градоначалникот Никола Бакрачески кој се осврна на значењето од воведувањето на директните авио- линии од и кон европските дестинации.

„Со конечното етаблирање на две редовни авио – линии од и кон охридскиот аеродром сметам дека се реализира една од нашите најголеми заложби за развој на туризмот во Охрид, меѓутоа и за локалниот економски развој на градов , она што е наш приоритет во агендата за развој на овај регион и секако за развој на туризмот како главна економска гранка која што Охрид се стреми да ја етаблира. Ова претставува голема придобивка за граѓаните на Охрид, која што сум убеден дека ќе има силен импакт во зголемување на бројот на странски туристи кои што ќе дојдат да го посетат Охрид и секако голем импакт кон развој на локалната економија“, подвлече градоначалникот Бакрачески и потенцира дека голема е веројатноста за воведување на директна авио -линија кон уште една европска дестинација.

„Она што е интересно е да се напомене дека во овој момент се водат неофицијални преговори за етаблирање на редовна линија кон уште една европска дестинација за која што во овој момент не би откривал повеќе детали. Веројатноста е голема да се воведе оваа линија и ако успееме во тоа сметам дека со три дестинации охридскиот аеродром веќе ќе стане место кое што ќе биде лесно достапно за било кој турист од било кој дел на Европа и Светот и секако за сите оние кои што имаат намера да го посетат Охрид од било која причина. Доколку успеат овие преговори за воведување на уште една линија од и кон охридскиот аеродром, сметам дека сме постигнале многу повеќе од она што сме го очекувале и дека тоа ќе биде на општа радост и задоволство на сите оние кои што сакаат Охрид да го видат како позната туристичка дестинација кон која што може лесно да се пристапи“, истакна градоначалникот Бакрачески.

Авио линијата Охрид – Базел е субвенционирана од Владата на Р. Македонија а за линијата Охрид –Лондон, со одлука на Совет општина Охрид издвои 6 милиони денари за 2015-та година , 12 милиони за 2016 и 2017 година и 6 милиони денари за 2018 година.