По повод 7 Март, Денот на Учителот, Министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми, денес го посети основното училиште „Перпарими“ во Мала Речица, Тетово, каде што одблизу се запозна со активностите околу изградбата на спортската сала во ова училиште.
Министерот Адеми го посети и средното училиште „Моша Пијаде“ во Тетово. И во ова училиште, заедно со директорот ги набљудуваа работите околу изградбата на спортската сала за потребите на учениците во ова училиште. Министерот Адеми рече дека работите за изградба на овие две спортски сали се одвиваат според предвидената динамика.
Тој меѓу другото истакна дека Министерството за образование и наука ќе продолжи со инвестиции за да се создадат подобри услови за учење за сите ученици, и дека ова останува приоритет на министерството и на Владата на Република Македонија.
Исто така, министерот Адеми денес ја откри плакетата на Гимназијата „7 Март“ во населба Дреновец, Тетово.
„Денес, точно на Денот на Учителот, сме тука на отварање на ново средно училиште во Тетово, односно во населбата Дреновец која ќе се именува „7 Март“. МОН нема да запре тука, ние ќе продолжиме и во иднина со инвестирање во изградба на нови училишта за да се создадат подобри услови за развој на воспитно-образовниот процес”, истакна Министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми.