На денешен ден, пред 70 години, Црвен крст Охрид организирано ја започна својата хуманитарна мисија. Во создавањето и развојот на Црвен крст Охрид биле вклучени безброј имени и безимени активисти кои оставиле свои траги во делувањето и растежот на организацијата. Овој седумдесет годишен период на грижа за човекот и достоинството на човечкиот живот, бележи голем број активности од социјално-хуманитарната програма, здравственото воспитување и превенцијата на болести на срцето и крвните садови, превенција на туберкулозата, ХИВ-СИДА, превенција на ракот, превенција на болестите на зависност, првата медицинска помош, унапредување на крводарителството преку доброволно, анонимно и бесплатно крводарување, развој на програмата за дејствување при катастрофи, формирање и дејствување на Единици за спасување на вода и спасување на планина и неприсртапни терени, грижа за бегалците и раселените лица, спроведување на современа дисеминација и ширење на меѓународното хуманитарно право, бројни едукативни програми за сите возрасти на граѓани, креативни активности на Младите на Црвен крст Охрид, информативно-издавачка дејност, службата барање и голем број други активности…
„Постигнувањата во овие 70 години, не ставаат во одговорна и мобилна положба, постојано да ги облагородуваме и унапредуваме активностите со нови импулси, за да придонесеме во создавање на еден побезбеден свет во кој ќе може подостоинствено да се живее.
Во моментите на радост, кога одбележуваме значаен јубилеј – 70 години Црвен крст Охрид, како организација на достоинствени, длабоко хумани и солидарни луѓе, испраќаме апел за мир и взаемно почитување, за човечко препознавање и зближување, за сопствено пронаоѓање во безграничните простори на хуманоста и солидарноста.“- велат од охридскиот Црвен крст.
Воедно, оттаму ги покануваат сите добронамерни и хумани луѓе, активисти, членови, волонтери на Црвен крст Охрид, соработници, партнери, подржувачи на оваа хумана мисија, да бидат дел од настаните организирани по повод одбележувањето на јубилејот 70 години Црвен крст Охрид, кои под мотото ХУМАНОСТА НЕ СТАРЕЕ ќе се реализираат на 28-ми март (сабота) според програмата.