Министерството за внатрешни работи почнува да работи на изготвување на нова кривична пријава против лицето кое досега е осомничено за „Насилство спрема претставници на највисоки државни органи“ и „Поткуп“.
Делото кое сега му се става на товар е предвидено и казниво согласно член 317 од Кривичниот законик, „Оддавање државна тајна“. За ваквото кривично дело во законот е запретена затворска казна во времетраење и до 10 години.
Имено, ставот 1 од членот 317 предвидува „ Тој што на јавноста или на неповикано лице ќе соопшти, предаде или стори достапна државна тајна што му е доверена, ќе се казни со затвор од една до десет години. Ставот 2 предвидува дека „Тој што на јавноста или на неповикано лице ќе му соопшти, предаде или стори достапни податоци или документи за кои знае дека се државна тајна, а до кои дошол на противправен начин, ќе се казни со затвор од една до пет години“. Доколку пак сторителот бил предмет на манипулација и делото го сторил од небрежност, согласно законот ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.
Исто така е кристално јасен и ЗАКОН ЗА КЛАСИФИЦИРАНИ ИНФОРМАЦИИ кој во член 8 вели „Класифицираната информација со степен “ДРЖАВНА ТАЈНА” е информација чие неовластено откривање би предизвикало загрозување и нанесување непоправливи штети на трајните интереси на Република Македонија“.
Оттаму мора да се потенцира дека лицето на вчерашната срамна и недостојна прес конференција изнесе бројни конструкции и лаги. Тоа што е уште поважно, презентираше детали од Договор за донација кој што е класифициран со најголем степен на тајност, односно „Државна тајна“.
Преку својот недоличен настап, осомничениот во случајот „Пуч“ го загрози кредибилитетот на македонските служби со што и директно ја доведе во опасност безбедноста на Република Македонија.
Неговиот настап не може да се толкува никако поинаку освен како директен атак врз институциите на земјава и обид за урнисување на нивните капацитети.
Освен кон македонските институции, со овој бесрамен чин, беше извршен атак и кон институции на држава, стратешки партнер на Република Македонија. Тој и практично, неосновано и недолично ја обвини Државата Израел дека исплаќала поткуп за да донира средства.
Катастрофалното објавување на лични податоци на високиот претставник на Министерството за одбрана на државата Израел, не е ништо друго освен напад врз институциите на државата Израел и директно загрозување на личната безбедност на нивното службено лице.
Благодарение на осомничениот, службеното лице на израелското Министерство за одбрана во иднина може да биде предмет на било чија закана.
За да не останат нерасчистени дилеми околу вчерашната лага и конструкција на осомничениот, станува збор за донација од Израел во 2011 година, а не за набавка на опрема за прислушување која и никаде не се споменува во разговорите. Донацијата се однесува на опрема за специјалните единици. Имено, како докажан пријател на Р. Македонија, тие понудија помош и заедно проценивме дека е најдобро тоа да биде опрема за подигнување на борбената готовност на нашите специјални единици. Истите префрлија 5.557.377 евра на сметка на компанија која имаше обврска потоа да ја набави опремата. Од тие средства 4.413.330 евра беа иаплатени на производителот на опремата, додека остатокот од 1.144.047 евра беа исплатени во буџетот на Р. Македонија на име на царински давачки и данок на додадена вредност. Во компанијата не остана ниту едно евро од донацијата. Опремата пристигна во специјалните единици и во моментов се употребува.
Провизијата која што се споменува е банкарска провизија. Бидејќи стануваше збор за префрлање на поголема сума пари и имаше одредени потешкотии и доцнење околу трансферите, нашите пријатели донатори одлучија да ја сменат банката и да ги префрлат парите преку кореспондентна банка од Будимпешта, која ги префрли парите во земјава. Концептот беше да не се исплаќаат средства кон производителот на опремата се додека не стигнат сите средства од донаторот.