Регионалниот центар за гранични работи Север до ОЈО – за организиран криминал и корупција Скопје, поднесена кривична пријава против С.П.(41) и Т.П.(21) двајцата од Гостивар со место на живеење во Гевгелија и Г.Ф.(42) од Свети Николе поради основано сомнение за извршени кривични дела “организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење мигранти“ по член 418-в и “криумчарење мигранти“ по член 418-б од КЗ на РМ. Пријавените лица биле организирани во група и заедно ги извршувале горенаведените кривични дела во соработка со уште две лица за кои од страна на МВР претходно е поднесена кривична пријава. Судија на претходна постапка на првопријавениот и третопријавениот им изрече мерка притвор во времетраење од 30 дена, додека на второпријавената и била изречена мерка на претпазливост, односно привремено и била одземена патната исправа.
Имено, на 05.04.2015 година во 01,00 часот на Автопатот Велес – Скопје поточно кај с.Катланово од страна на полициски службеници биле запрени две ПМВ, „Фиат Темра“ сопственост на второпријавената а управувано од страна на лице од Гевгелија кое претходно е пријавено и „Опел караван„ управуван од другото лице кое исто така е пријавено претходно. При извршен преглед во возилата пронајдени се 16 лица илегални мигранти од Сирија. Од обавениот разговор со лицата кои ги управувале двете возила констатирано е дека истите најпрво се договориле со првопријавениот да превезуваат мигранти од Гевгелија до Куманово, а за успешно завршената работа ќе добијат паричен надомест од по 500 евра. Исто така од разговорот утврдено е дека еден од возачите бил во роднински врски со третопријавениот и на истиот му било понудено заедно со првопријавениот да се приклучи со неговото возило марка „фолксфаген шаран„ како претходница односно чистач на двете возила за сума од 200 евра.
Според документираните сознанија претходниот ден, односно на 04.04. околу 22.30 часот откако лицата ги преземале илегалните мигранти на излез од Гевгелија првопријавеното и третопријавеното лице со возилото на третопријавеното лице возеле на неколку километри пред нив и им го обезбедувале патот кон Куманово. За време на патувањето возачите на возилата во кои се превезувале мигрантите цело време контактирале со прво и третопријавеното лице. Откако ја поминале наплатната рампа во Велес, во близина кај Катланово од страна на полициски службеници биле сопрени и приведени во ПС.
Од добиени сознанија утврдено е дека првопријавеното лице подолго време се занимавало со криумчарење на мигранти, неговата улога заедно со второпријавената која е негова ќерка била да им обезбедува возила, пари за гориво и патарини на возачите кои ги превезуваат мигрантите, со цел да стекнат имотно правна корист. Улогата на второпријавеното лице била да остварува контакт со непознато лице од Авганистан, кој работел во пограничниот реон со Грција во близина на ГП Богородица кој овозможувал илегално префрлување на мигрантите од Грција во Македонија и го договарале времето и местото каде требало да бидат донесени мигрантите.