Стартуваше процесот за изработка на новата Национална стратегија за млади 2016-2025

Агенцијата за млади и спорт во соработка со младинските организации и сите релевантни државни институции и организации, а со поддршка на Програмата за развој при ОН, денеска со првата работна конференција го започнапроцесот на изготвувањето на Националната стратегија за млади за периодот 2016-2025.

„Во нашите излагања често велиме дека младите се нашата иднина, но всушност тие се сегашноста на оваа држава и овој документ се однесува токму на нив, на нивните потреби и ставови. Токму затоа, денес ве повикувам да се вклучите во целиот процес на креирање на овој документ кој не е само важен на нас како институција одговорна за креирање и спроведување на младинските политики, туку и за сите млади во Република Македонија“, – рече на отворањето Директорот на Агенцијата за млади и спорт м-р Марјан Спасески.

Тој додаде дека целокупниот процес ќе биде воден од Агенцијата за млади и спорт, со голема поддршка на Програмата за развој на Обединети Нации, за што особена вклученост се очекува и од останатите надлежни институции, од здруженијата на граѓани, но и генерално од младите луѓе за кои е наменета оваа стратегија.

Досега пријавените 150 учесници од невладини организации, институции, претставници од локалната самоуправа, меѓународни организации и поединци ќе бидат вклучени во работните групи во рамките на приоритетните области: образование, вработување, спорт, квалитет на живеење, здравство, партиципација на младите, младинско информирање, култура и локална младинска работа.

Свое обраќање имаше и Михаела Стојкоска, раководител на одделот за добро владеење во Програмата за развој при ОН. Таа зборуваше за Генералната определба на ОН, а тоа е одржливиот човечки развој во чие креирање главен акцент имаат младите.

„Од голема важност е прашањето како младите се третираат во една држава, но и колкаво е нивното учество во сите полиња на општественото живеење. За остварување на овие, но и сите други придобивки во едно општество потребно е остварување на одредени принципи: принцип на учество, владеење на правото, транспарентност, ориентација кон градење консензус, рамноправност, ефикасност и ефективност, отчетност и стратешка визија“. – потенцираше Стојкоска.

Во текот на месец февруари, во рамки на овој процес беа ангажирани 4 сениор и 3 јуниор фасилитатори со огромно искуство во областа на креирање на младински политики. Истовремено, во функција е и онлајн платформата strategijazamladi.mk која беше креирана за овој процес со цел поголема вклученост на што поголем број на млади луѓе во овој процес.

Истата ќе биде водена од јуниор фасилитаторите кои значително ќе го потпомогнат овој процес и ќе ја олеснат комуникацијата и надвор од работните групи и овие работни средби. Оваа онлајн платформа ќе претставува место каде постојано ќе можат да се испратат коментари и ставови, во текот на целиот процес.

„Тоа е важно за целиот овој процес бидејќи за нас како институција особено важно е овој документ, оваа Стратегија за млади да ја отсликува вистинската состојба и потребите на младите луѓе, да создаде основа за значајни подобрувања во младинскиот сектор, но и во севкупната благосостојба и квалитет на живеење на младите. Агенцијата за млади и спорт останува отворена за соработка со сите релевантни чинители не само за овој документ, туку и за сите проекти и активности, кои како институција одговорна за младите ги спроведуваме во оваа област“. – заклучи Спасески.

NacionalnaStrategijaMladi02