Во рамки на проектот „ Безбедни училишта- Хармонична средина“ во ОУ „Братство- Единство“ се одржа состанок со претставници од Одделението за образование при Општина Охрид, Одделението за превенција-СВР Охрид, раководниот и наставничкиот кадар и претставници од Советот на родители на училиштето.
Средбата во ОУ „Братство- Единство“ е дел од состаноците кои треба да се одржат во секое од училиштата, за да се овозможи поголема соработка и заедничко дејствување на општината, училиштето, Советот на родители и СВР Охрид, за подобрување на безбедноста и условите за настава во училиштата.
Учесниците во расправата ги идентификуваа проблемите со кои се соочува училиштето во обезбедување на подобри услови во наставата, но и заложбите на општината и градоначалникот Никола Бакрачески за нивно решавање. Беше истакнато дека безбедноста во училиштето е добра, но дека треба да се преземат активности кои ќе придонесат за подобрување на условите за успешно одвивање на воспитно- образовниот процес. Претставниците од Советот на родители рекоа дека треба да се подобри осветлувањето, да се поправи игралиштето, да се промени кровот и да се направат и други зафати на училишната зграда.
Основното училиште „ Братство- Единство“, како што беше речено на средбата, е успешно модел училиште во рамките на проектот на УСАИД, во кое наставата се одвива на македонски, албански и турски јазик и дека нема инциденти и меѓуетничка нетрпеливост. Покрај реализирањето на проектот финансиран од УСАИД, училиштето има обезбедено и други донации, а имаат најдено и училишта од Босна и Херцеговина и Албанија со кои ќе се збратимат и заедно ќе аплицираат за користење средства од европските фондови.