Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „несовесно работење во службата“, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против Љ.А.(67) од Дебар поранешен директор на ХЕС „Шпиле“ – Дебар. Во пријавата, во врска со казненото дело „затајување“ опфатени се и лицата М.С. (70) и Ф.К. (57), поранешен и сегашен магационер во хидроцентралата, двајцата од Дебар.
Првопријавениот Љ.А. иако знаел дека со пописот од 31.12.2008 година, по книговодствената вредност бил констатиран кусок на материјали во износ од 206.049,оо денари, а се однесува за 5.834 должни метра квалитетен електро кабел, не преземал дејствија за откривање на одговорните лица-сторители на кусокот. Напротив, тој дозволил пописната комисија да бара од Централната пописна комисија кусокот да се расходува и отпишува од евиденција иако знаел дека тоа не е можно бидејќи се расходуваат само оштетените и неупотебливите предмети. Тоа побарување било одбиено од Централната пописна комисија на ниво на АД „ЕЛЕМ“ – Скопје.
Второпријавениот М.С. како магационер до 2008 година и трето пријавениот Ф.К. како сегашен магационер, иако знаеле дека во магацинот утврден е кусок на електро материjали од страна на пописната комисија, сепак двајцата не извршиле примо-предавање на материјалите со реален попис туку кусокот бил прикриен и пренесен и во наредните години давајќи им ги на пописните комисии старите пописни листи од кои тие само препишувале состојби.