Пет француски тур-оператори ја посетија Македонија од 13-ти до 17-ти април на покана од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, пишува специјалзираниот веб-весник за туризам TurMag.com, јавува дописникот на МИА од Париз.
Претставниците на тур-операторите Куони, Вердием, Интермедес, Арт е вие и Алест Воајаж имаа можност да ги откријат адутите и новините на оваа нова туристичка дестинација на Балканот.
Според „TuristMag“ – весникот на професионалните туристички работници, по засилената медиумска кампања во Франција за туристичката понуда на Македонија, во текот на минатата година биле забележани 14 отсто повеќе француски туристи во споредба со 2013 година. Лани нашата земја ја посетиле 5.327 француски туристи и истовремено бројот на ноќевањата се зголеми за 28 отсто.
Позитивниот тренд на зголемувањето на бројот на француските туристи се очекува да продолжи и годинава, па неслучајно нискобуџетната компанија Виз Ер го зголемува бројот на летовите од аеродрoмот Бове кон Скопје од 30 јуни, а исто така и воведување на нови летови од аеродромот од Мулуз Бал кон Охрид.
Викенд изданието на дневниот весник „Фигаро“ за велигденските празнувања објави репортажа со повик до своите бројни читатели да ја посетат Македонија која се нуди како вистинско туристичко откритие за 2015 година, под насловот „Пет причини да се посети Македонија“.
Во срцето на Балканот, Македонија е се уште туристичка дестинација поштедена од масовниот туризам, пишува „Фигаро Воајаж“, кој наведува пет причини за да се дојде во нашата земја. Една од нив е значајното културно наследство и се уште „дивата“ природа.
Како неизбежна дестинација на прво место е ставено Охридското езеро и Охрид, следува Скопје со своите историски и нови споменици. Од престолнината на Македонија, „Фигаро Воајаж“ ги поведува своите читатели во националниот парк Пелистер, потоа античкиот град Стоби и на крајот во манастирот Свети Јован Осоговски.
Но, не е само „Фигаро“ кој се осврнува на туристичките можности на Македонија, специјализираниот веб портал за туристичките работници „Пагтор“ исто така повикува да се откријат убавините на Македонија, која е на помалку од три часа лет од Париз и Брисел и која со своите величествени природни езера, со спокојните манастири и исклучителните вина и вкусната кујна, се нуди како вистинско туристичко откритие за 2015 година.
Според француските специјалисти за туризам, Македонија е привлечна и идеална дестинација за продолжени викенди и кратки еднонеделни престои, поради нејзината близина до Франција и интересната културна и природна понуда.
Извор: Република/МИА