Фондот за здравствено осигурување на Македонија во соработка со Министерство за здравство, Министерството за финансии и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија усогласи постапка за остварување на права од здравствено осигурување на хонорарците.
За таа цел, Фондот направи измени во Правилникот за содржината и начинот на остварување на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување, склучи Анекс на договор со ФПИОМ за електронска размена на податоци и изработи софтвер за електронска обработка и пресметка на времетрањето на здравственото осигурување.
Согласно измените, осигуреникот правото од здравствено осигурување ќе го користи за временскиот период утврден во пристигнатата пријава од ФПИОМ. Со новото решение, кога осигуреникот ќе го плати придонесот за здравство, за времето за кое уплатил придонес, ќе добие здравствено осигурување, но не подолго од 60 дена, одредба која важи за сите осигуреници по друг основ.
Со новото софтверско решение на Фондот, се решава статусот на лицата кои оствариле и/или остваруваат приходи од договор на дело и/или авторски договор.
Од ФЗОМ потсетуваат дека хонорарците имаат должност исплатените хонорари да ги пријават во ФПИОМ и за истите да платат придонеси за социјално осигурување.
За хонорарците да може да си ги остварат правата од здравствено осигурување, Фондот апелира за навремено пријавување и уплаќање на придонесите за здравство.
Категории кои треба да ги пријават хонорарите се:
Вработени/пензионери кои во моментот на пријавување на исплатените хонорари од договор на дело/авторски склучиле договор за хонорари над 21.588 денари (просечна нето плата на ниво на Република Македонија за 2014 година)
Невработени лица кои во моментот на пријавување на исплатените хонорари од договор на дело/авторски склучиле договор за хонорари над 9.590 денари (минимална нето плата на ниво на Република Македонија за 2014 година).
Придонесот за здравствено осигурување се плаќа на разликата помеѓу примениот хонорар по основ на договор на дело/авторски договор или друг вид на договор и минималната нето плата (за невработените), односно просечната нето плата (за вработените, самовработените и пензионерите).
Лицата од оваа категорија граѓани, кои во изминатиот период користеле здравствена услуга, а имаат платено придонес за здравствено осигурување, имаат право да поднесат барање за надоместок на средства во подрачните служби на ФЗОМ по што здравствените услуги ќе им бидат рефундирани во согласност со подзаконските акти на ФЗОМ.