Секторот за внатрешни работи-Струмица до ОЈО-Струмица поднесе кривична пријава против В.Л (53) и В.Л (21) татко и син и двајцата од с.Прдејци, општина Гевгелија, поради постоење основано сомнение дека истите сториле кривично дело “фалсификување пари” за што од страна на судија на претходна постапка при Основниот суд Струмица на пријавените им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.
Именo, на 24.04.2015 година во продавница за авто делови во Струмица, првопријавениот купил моторно масло за кое платил со банкнота во апоени од 100 евра, за која продавачот се посомневал дека е фалсификувана. Наредниот ден на 25.04.2015 година пријавениот заедно со неговиот син отишол во истата продавница да купи моторно масло, но од страна на продавачот бил препознаен по што веднаш било пријавено во СВР-Струмица.
Од страна на полициски службеници веднаш е пристигнато на лице место каде пријавените биле затекнати во продавницата и истите биле лишени од слобода. А по извршен преглед над истите кај прво пријавениот била пронајдена банкнота во апоени од 100 евра а кај второ пријавениот биле пронајдени 5 банкноти во апоени од по 100 евра. Истите со Потврда за привремено одземени предмети се одземени. За случајот веднаш е запознаен ОЈО Струмица.
Со цел целосно расветлување на случајот од страна на НК-КП-Гевгелија а по претходно обезбедена писмена наредба од Судија на претходна постапка при Основен суд Гевгелија извршен е претрес во домот и другите помошни простории каде живеат пријавените, притоа пронајдени се 60 банкноти во апоени од по 100 евра, 32 банкноти во апоени од по 500 евра, профактури и 4 туби моторно масло „Тотал“ купени од продавница за авто делови во Струмица.
Прво пријавениот имал пуштено во оптек уште две банкноти во апоени од 100 евра на подрачјето на Гевгелија.
Привремено одземените банкноти ќе бидат предмет на дополнително вештачење од страна на Народна Банка на РМ, a одземените мобилни телефони и куќиштето од компјутер од страна на МВР на РМ.