Соработката меѓу Црвен крст од Охрид и Црвен крст од Зеволде од Холандија, денеска беше официјализирана со потпишување на Меморандум за идните заеднички активности. На свеченоста, на која присуствуваше и заменик градоначалникот Ангел Јанев, гостите од Холандија на домаќините им ги врачија клучевите од специјалното возило кое го донираа за потребите на охридскиот Црвен крст.
Специјалното возило е наменето за интервенции на тимовите за прва помош на Црвен крст Охрид при несреќи, како и за поддршка на делувањето на Единицата за безбедност на вода и Единицата за спасување на планина и непристапни терени.
Како резултат на воспоставената соработка од вчера , во работна посета на Црвен крст од Охрид, претстојуваат тимови на инструктори и тренери по прва помош од Црвен крст од Зеволде и Националниот здравствен сервис на Холандија, кои со тимовите за спасување на вода и спасување на планина и непристапни терени и тимовите за прва помош на Црвен крст од Охрид ќе реализираат заеднички обуки за укажување прва помош. Активностите ќе бидат финализирани на 3-ти мај (недела) со изведување на заедничка, јавна показна вежба на делување при несреќа.