Конгресна повелба која ги оцртува контурите на идните движења на партијата бeше усвоена во рамки на 15. Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, што се одржа во Куманово.
Најголемо внимание во повелбата се посветува на економијата, привлекувањето на странските инвестиции и поддршка на домашната економија преку развојот на малите и средни претпријатија. Се наведува дека развојот на економијата останува еден од врвните приоритети на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи создавањето висок и одржлив раст е основниот начин за зголемување на вработеноста и за подобрување на животниот стандард на граѓаните.
ВМРО-ДПМНЕ, како што се посочува, и натаму ќе биде фокусирано на континуирано унапредување на поволна бизнис клима и одржување на вкупните трошоци за работа на фирмите меѓу најконкурентните во Европа и натамошно подобрување на инфраструктурата и правната сигурност, а како зацртана и проектирана тенденција партијата ќе се залага за остварување на економски раст од 4 до 5,5 проценти во следните години доколку нема нова криза.
Растот ќе биде поддржан и преку политиките на партијата насочени кон зголемување на платите на пензиите на социјалната помош, како и задржување на високи земјоделски субвенции. Се укажува на целосна функционалност на фондот за иновации за поддршка на малите и средни ретпријатија. Партијата, како што се наведува, ќе остане на политиката на едноставни и ниски даноци чии ефекти се стимулиран бизнис и намалена сива економија.
Во Повелбата се нагласува дека за домашните фирми и понатаму ќе бидат задржани ниски непроменети даноци преку концептот за нулта стапка на данокот за реинвестирана добивка. ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со засилени инвестиции во изградба на патишта и железничка инфраструктура, а ќе се објави концесија за изградба на автопат Гостивар-Кичево, но ќе се работи за на железничко поврзување кон Бугарија односно коридорот 8 и коридорот 10.
Меѓудругото, ќе се продолжи со инвестирање и развој на туризмот преку задржување на политиката на субвенционерање која ке овозможи евтини авионски летови до над 20 европски центри. Партијата ќе продолжи и со политиката на субвенции за што досега се исплатени 677 милиони евра како директна поддршка…
Во врска со продолжувањето на инвестициите и во здравството, во повелбата стои дека ВМРО-ДПМНЕ не гледа на тие инвестиции како трошок, туку како на инвестиција во обезбедување здрава иднина. Ќе се гради централен здравствен систем базиран на квалитетни знаења и вештини и добра здравствена инфраструктура. ВМРО-ДПМНЕ, како што се истакнува, се залага сега и во иднина секој човек да има еднаква и квалитетна здравствена заштита. Посебен дел се посветува на развој на образованието културата и младите и спорот, како и демографијата семејството и традицијата како посебен фокус.
Во однос на надворешната политика, како што се наведува, останува фокус членството во НАТО и ЕУ. Посебен фокус ќе се стави на продлабочување на односите со соседите како и продолжување на традиционалното пријателство со САД. Еден од приоритетите останува владеењето на правото и борба против корупцијата.
ВМРО-ДПМНЕ се залага за унапредување на културата на законитост, почитување на основните слободи и права на човекот и граѓанитот и темелните вредности на Уставот. ВМРО-ДПМНЕ во Повелбата внимание посветува и на дијаспората.