Министерот за национална одбрана и началникот на Воените сили на Република Турција му порачаа на Јолевски дека Македонија заслужува веднаш да стане дел од НАТО и отвореното прашање за името не смее да биде пречка

Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, при неговата посета на Република Турција оствари средби со Министерот за национална одбрана на Република Турција, Исмет Јилмаз, и Началникот на Турските воени сили, генерал Неџдет Озел.

За време на средбата која се одржа помеѓу двата министри Јолевски изрази благодарност до министерот Јилмаз за несебичната поддршка и помош која Република Македонија ја добива од страна на Република Турција во напорите за целосна евроатланска интеграција на Македонија. Министерот Јолевски истакна дека од исклучително значење е поддршката која и овозможи на Република Македонија по самостојна инерција на делување да прерасне во придонесувач кон глобалниот мир и безбедност и при тоа да се изгради како рамноправен НАТО партнер. Воедно Јолевски ја потенцираше и помошта од Министерството за национална одбрана на Република Турција во опремувањето и модернизацијата на Армијата на Република Македонија.

На средбата двата министри заклучија дека постои исклучително добра соработка помеѓу Македонија и Турција која се огледува во фактот што постои постојан дијалог на највисоко ниво кој се пренесува во конкретни предлози од двете држави за континуирана понатамошна соработка. Министрите за одбрана се согласија дека соработката меѓу двете држави во областа на одбраната е на значајно високо ниво и истата преставува пример за меѓународни односи кои овозможуваат градење на мир и безбедност во регионот.

Министерот за национална одбрана на Република Турција потенцираше дека Република Турција целосно ја поддржува интеграцијата на Република Македонија во НАТО. Министерот Јилмаз истакна дека за поканата за членство во Алијансата нe треба да се чека надминувањето на разликите околу името со Грција кога Македонија веќе ги исполнува сите услови за членство во НАТО. Според Јилмаз Македонија заслужува во најкраток рок да стане дел од Алијансата.

Јолевски истакна дека заедничкото делување во „Одлучна поддршка“, размената на студенти и професори на Воените академии, редовните билатерални средби и чекорите за економски развој се само неколку од точките на соработка кои треба да продолжат и кои редовно го надминуваат примерот на билатерални односи помеѓу две држави кои се фокусираат на севкупен државен развој.

За време на средбата помеѓу министерот за одбрана, Зоран Јолевски, и началникот на воените сили на Република Турција, Неџдет Озел, постоеше взаемна согласност дека двете држави имаат одлична соработка на полето на одбраната и безбедноста. Јолевски истакна дека за заедничкото делување во мировната мисија на НАТО „Одлучна поддршка“ каде што офицери од Армијата на Република Македонија се вклучени во Кабул во рамките на Главниот штаб на командата за обука кој е предводен од Воените сили на Република Турција е пример и доказ за високо развиена меѓуармиска соработка.

Началникот на Воените сили на Република Турција подвлече дека со Република Македонија постои исклучителна соработка и дека Турција ќе продолжи со поддршката за Македонија во областа на одбраната и безбедноста.

Министерот за одбрана воедно заклучи дека и покрај високото ниво на соработка помеѓу двете држави постои взаемен интерес да се продолжи со зајакнување на меѓусебното партнерство и продлабочување на соработката.

За време на присуството на меѓународниот саем министерот за одбрана оствари средби и со директор на Национално вооружување, бригаден генерал Шабан Умут, и министерот за одбрана на Република Монголија, Церендашин Цолмон.

Министерот Јолевски и генералот Умут разменија мислења за можностите за дополнителна модернизација на Армијата на Република Македонија и можностите за обука на турски и македонски пилоти и офицери кои дополнително ќе ја зацврстат соработката помеѓу Македонија и Турција.

При средбата помеѓу министерот Јолевски и министерот Цолмон се разгледаа можностите и опремата за обука на воени пилоти кои ги поседуваат Република Македонија и Република Монголија. Министрите заклучија дека постои сериозна определба за идно релативизирање на соработката помеѓу двете држави.

image001 image002 image003