Денес жителите на УЕ Лагадин до надлежните органи и ресорни министерства го испратија приговорот за зачувување на мирот, спокојот и природата во населба Лагадин и крајбрежјето на потегот Лагадин – Пештани.
Приговорот е потпишан од околу двесте лица, сопственици на домови и комерцијални објекти во населбата и долж крајбрежјето, што се всушност сите жители со само неколку искучоци. Сите имаат едногласен став дека на Лагдин ниту на Охридското езеро кое светот го препознал по своите автентични природни богатства, не му доликува да стане лоша мегаломанска копија на медитеранските летувалишта. Охрид нуди богата целогодишна програма за рекреативен, еко, културен, верски, планински туризам и не заслужува неговиот идентитет да биде деградиран и промовиран како едно обично капалиште функционално само во летните месеци. Охрид ниту Лагадин никогаш не бил познат по своите песочни плажи како атракција за странските гости што и онака е „демоде“ во светските туристички понуди.
Во прилог на приговорот е приложен и официјален документ од најголемите тур оператори ТУИ и Корендон и туристички агенции кои статистички потврдуваат дека целната група на гости кои престојуваат во Лагадин се фамилијарни гости и постари лица кои лагадин го одбрале токму заради спокојот и блискоста со природата.
„Во однос на нашиот став за развој на еко туризам наместо мегаломански агресивно менување на линијата на езерото, се повикуваме и на општина Охрид и градоначалникот Бакрачески кој неодамна на градскиот плоштад по повод денот на Планетата Земја 22-ри Април, пред своите сограѓани изјави дека зачувување на животната средина е столб на нашето опшество. Во својот поздравен говор тој истакна дека општината ги приоретизира проектите за зачувување на природното и културно наследство како што е обновување на прочистителните станици, системот за справување со отпадни води и тн.
Токму системот за справување со отпадни води во Лагадин не дозволува понатамошна урбанизација и оптеретувања. Сведоци сме на погрдни сики од фекална вода која секоја година во екот на сезоната се прелева во езерото, пред очите на странските гости.“– велат од МЗ Лагадин и ЕКО Друштво Лагадин.
Оттаму апелираат за повлекување на овие, како што велат несоодветни идејни решенија, бараат консултација со јавноста и заедничко одлучување за иднината на јавните добра, бидејќи имплементација на овие проекти е спротивна на бројните закони за животна средина, заштитени видови и законот за води, според кои се заштитува крајбрежјето и појасот на трска заедно со сиот растителен и животински свет.
→ Документ – испратениот приговор од УЕ Лагадин до надлежните органи ←