Најмалку 30 лица загинаа, а околу 1.000 се повредени по новиот земјотрес во Непал, чиј интензитет бил 7,3 степени според Рихтерова скала.
Епицентарот на потресот се наоѓал на 68 километри западно од градот Намче Базар, во близина на Монт Еверест, на длабочина од 19 километри под површината на земјата, соопшти американскиот Геолошки завод. Набрзо бил регистриран уште еден земјотрес со интензитет од 5,6 степени.
Според портпаролот на Меѓународната организација за миграција, четири лица загинале во градот Чаутара, северно од главниот град Катманду, кога по земјотресот се урнале неколку згради.
Спасувачките екипи се обидуваат да утврдат дали има уште загинати и повредени под урнатините.
Полицијата ги советува луѓето да се стационираат на отворено.
Денешниот земјотрес уништил повеќе станбени објекти, кои го преживеале претходниот катастрофален потрес, во кој загинаа над 8.000 луѓе, а околу 18.000 беа повредени.
Индиското Министерство за внатрешни работи соопшти дека била прекината работата на метроата во главниот град Њу Делхи и во градот Калкута веднаш по земјотресот во Непал.
Извор: Нет Прес