Во овие тешки времиња, кога Македонија е под сцениран напад за нејзина дестабилизација. Во овие времиња кога некои луѓе сакаат Македонија да не отвара фабрики, да не отвара нови работни места, да не гради инфраструктура, патишта и пруги, ВМРО-ДПМНЕ јасно сака да соопшти дека се спротиставува на сите сценарија за дестабилизација, истакна на денешната прес-конференција членот на ИК на ВМРО- ДПМНЕ Никола Тодоров.
Тој потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ како и секогаш до сега ќе се бори за стабилна, силна и економски развиена Македонија и нема да дозволи заради ниту еден личен или партиски интерес државата да биде втурната во правец кој ќе е на штета на секој еден граѓанин на Македонија.
„ВМРО-ДПМНЕ заедно со македонскиот народ, со сите граѓани, со Албанците, Турците, Власите, Ромите, Србите, Бошњаците и сите други ќе излезе на голем народен митинг за поддршка на стабилна и силна Македонија. Митингот ќе се оддржи на 18 мај, понеделник во Скопје. Овој митинг ќе биде мирен, достоинствен и плод на разумот на секој наш граѓанин. Граѓаните на Македонија ќе излезат на улиците на Скопје за да покажат дека се борат за почитување на правото на глас, за почитување на изборната волја, за отварање на нови работни места, граѓаните на Македонија ќе покажат дека се борат за новите фабрики и автопати. Граѓаните на Македонија ќе излезат за да дадат поддршка на безбедносните сили, за зачувување на државните приоритети и интереси. Граѓаните на Македонија ќе се борат за земјоделците, младите, пензионерите, работниците и сите други“, рече Тодоров.
Нагласи дека граѓаните на Македонија ќе дадат поддршка за силна Македонија и ги повика сите граѓани, мирно и достоинствено, да излезат во понеделник во 20 часот и да дадат поддршка на силна и стабилна Македонија.
„Тука сме за Македонија. Ова е нашата демократска битка, битка за почит кон нашите предци и битка за иднината на следните поколенија“, нагласи Тодоров.