На отворањето на деветтите по ред Државни училишни спортски игри годинава насловени како „Мали олимписки игри-Карпош 2015“ учествуваа околу 1000 ученици од основни училишта од цела територија на Република Македонија. Основците во наредниве два дена ќе се натпреваруваат во ракомет, одбојка, кошарка атлетика и мал фудбал.
Претседателот на организацискиот одбор на игрите проф. д-р Зоран Поповски на отворањето истакна дека на игрите нема победници, ниту поразени, со самото доаѓање тука сите се победници.
Манифестацијата е поддржана од Агенцијата за млади и спорт, како и од Федерацијата за училишни спортови и Министерството за образование и наука.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт ги поздрави младите таленти и им посака успешен почеток на овогодинешните „Мали олимписки игри“.
„Училишниот спорт претставува еден од врвните приоритети бидејќи во континуитет наназад реализираме проекти со кои сакаме младите луѓе професионално и активно да се занимаваат со спорт. На тој начин тие ќе можат да се оттргнат од пороците на современото живеење“, – рече Спасески.
Спортот како што истакна, ги учи младите луѓе дека нема кус пат до успехот, бидејќи да бидеш успешен на било кое поле, потребно е многу труд, волја и упорност.
Претседателот на Федерацијата за училишни спортови проф. Александар Туфекчиевски додели плакети на најзаслужните за оваа манифестација, за големото залагање во спортот и спортските активности.
Градоначалникот на Општината-домаќин, Стевчо Јакимовски рече дека овие два дена ќе бидат празник за граѓаните на Карпош.
„Спортот дава посебни квалитети на секој човек, и јас сум убеден дека дел од тие квалитети и вие ги посетувате. Овие два дена посветете се на долговечното пријателство кое ќе остане засекогаш меѓу вас“, – рече Јакимовски и додаде дека ако до година не се јави Општина која ќе ги организира игрите, Општина Карпош ќе го направи тоа повторно и тоа со задоволство.