Окитекс Бамбини е првата детска градинка отворена во приватна компанија за потребите на вработените со капацитет да згрижи 25 деца. Градинката претходно функционирала како игротека, а по последните законски измени и било овозможено да се регистрира како детска градинка.
Решението на првата градинка отворена во рамки на една компанија во Македонија денеска го предаде министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
„Денеска сме во посета на првата приватна детска градинка која функционира како организациска единица во рамките на приватната компанија „Окитекс“. Ова е ваква прва приватна детска градинка и се надевам дека овој пример ќе го следат и останатите поголеми приватни компании за да обезбедат подобри и соодветни услови за згрижување деца од предучилишна возраст за сопствените вработени, во рамки на сопствените капацитети“, рече министерот Спасов.
Тој додаде дека во моментов за отворање вакви градинки се заинтересирани уште две-три приватни компании, кои, како што рече, ги испитуваат можностите и изрази надеж дека и тие наскоро ќе бидат отворени.
Раководителката на градинката Розита Јорданова Илчева истакна дека овој проект го реализирале уште пред две години како игротека, но оти сега согласно новите законски измени таа е пререгистрирана како игротека.
Градинката, рече, располага со простор од 200 метри квадратни, и има капацитет да згрижи 25 деца. Отворањето на градинката, според неа, е дел од активностите што ги презема компанијата за подобрување на условите на вработените.
Министерот Спасов појасни дека во изминатиот период како Министерство направиле низа законски измени со кои, како што рече, најпрво го олесниле и забрзале процесот на регистрација на приватни детски градинки, но, биле воведени и низа значителни поволности за поттикнување на приватните инвеститори да инвестираат во зголемување на капацитетите и отворање нови приватни детски градинки.
„Измените кои ги направивме изминатиот период даваат резултати. Досега се отворени 18 приватни детски градинки во Република Македонија. Денеска го доделуваме решението на „Окитекс Бамбини“ приватната градинка. Уште пет приватни градинки се во постапка на основање, односно имаат започнато процедура за нивно регистрирање“, рече Спасов.
Тоа, според мининистерот за труд и социјална политика, е дополнителен поттик за да се продолжи со промовирање на поволностите, но и со креирање нови.
„Набрзо во Скопје на неколку локации во рамки на училиштата кои имаат поголеми дворови ќе се издвојат посебни парцели од 500 до 1.000 метри квадратни кои ќе бидат ставени на располагање за јавно наддавање со цел сите приватни инвеститори кои сакаат да инвестираат во отворање нови приватни детски градинки да ги купат по почетна цена од едно евро за метар квадратен со намалени комуналии за 95 проценти и да започнат со изградба на објект кој ќе биде само за намена на приватна детска градинка“, рече Спасов.
Ова ќе биде спроведено заедно со Министерството за транспорт и врски и општините во градот Скопје.