Министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми, денеска присуствуваше на промоцијата на една од најзначајните програми во рамки на Хоризонт 2020, програмата за мобилност и кариери, Мари Склодовска Кири .
„Хоризонт 2020 е најголемата Европска програма за истражување и иновации и со неа Европа инвестира во своите највитални сегменти – своите талентирани луѓе во истражувачкиот, индустрискиот, образовниот и бизнис секторот“, истакна министерот Адеми, додавајќи дека буџетот на Хоризонт 2020 изнесува околу 80 милијарди евра, а 8%, односно 6 милијарди евра се наменети за Мари Кири Склодовска активностите.
Благодарејќи на овој зголемен буџет, напомена Адеми, што е за околу 30% повеќе од ФП 7, Европа ќе додели околу 65.000 грантови за мобилноста на истражувачите за времетраењето на програмата.
Програмата нуди исклучително атрактивни можности за кои постои огромен интерес во сите европски земји и претставува најголема европска програма за докторанти со која ќе бидат поддржани околу 25 илјади кандидати.
Истражувачи од сите категории ќе можат да се стекнат со искуства, знаења и вештини во водечките центри во европските земји преку мултинационални партнерства. Програмата особено ги поттикнува истражувачите да работат интерсекторски со што ќе ги зголемат своите иновативни компетенции.
„Македонија забележа многу добри постигнувања во ФП 7, одобрени 100 проекти со околу 14 милиони евра. Но, во делот за мобилноста искористеноста беше под можностите и потребите. Токму заради тоа очекуваме дека овој настан ќе придонесе за зголемување на нашето учество особено во делот на индивидуалните грантови за докторски и постдокторски студии, како и размените на тимови со европски партнери“, истакна министерот Адеми.