Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Влатко Поповски, раководителот на Центарот за вработување на Град Скопје, Слободанка Алексовска и менаџерката на Семос Едукација, Валентина Тасева ги доделија сертификатите за напредни ИТ вештини на 88 невработени лица.
„Денес заедно со претставниците од Агенцијата за вработување на Република Македонија ќе ги доделиме 88- те сертификати за завршена обука за напредни ИТ вештини за програмери за Cisco, Microsoft, Adobe, Autodesk, Java. За реализација на овие обуки за 88 лица коишто ги завршија изминатиов период обезбедени беа околу 8 милиони денари”, рече Спасов и продолжи:
„Со Агенцијата за вработување планираме на почетокот на јуни месец да распишеме нов јавен повик за пројавување на интерес за секое невработено лице коешто сака да ги надгради сопствените вештини во овој дел за околу 220 невработени лица за кој се обезбедени околу 22 милиони денари. Изминатиот период, односно изминатите години овие обуки ги поминаа над 470 лица од коишто 246 лица веќе се вработени”. – рече Спасов.
Со најавените странски инвестиции потребата за ваков кадар, за вакви вештини и за невработени лица коишто имаат сертификати за овие обуки е навистина голем и токму поради тој факт зголемен е обемот и опфатот на невработени коишто ќе ги завршат ваквите обуки со цел побрзо и полесно да стигнат до работа, да им се овозможи на овие лица да се стекнат со соодветно работно место.
Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски истакна дека со овие обуки целта е да се излезе на светскиот глобален пазар на квалитетни луѓе коишто имаат сертификат од напредни ИТ вештини коишто се многу битни за секое општество и во Република Македонија најавените инвестиции коишто допрва треба да влезат имаат побарано вакви квалитетни луѓе коишто имаат вакви сертификати од меѓународен карактер за да бидат многу побрзо вработени во овие компании.
Овие сертификати се доделуваат од 2010 година па наваму сè со цел да се зголеми капацитетот на невработените лица за полесно да се вработат, а воедно влегуваат нa глобалната листа на квалитетни кадри кои поседуваат сертификат од овие обуки. Овие обуки ќе продолжат, при што сите оние коишто ќе се пријават потребно е да имаат мотивација.