Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром со триумф од 94-85 во интересен натпревар денеска против Куманово во СЦ „Јане Сандански“, успешно ја завршија сезоната во елитното македонско натпреварување, освојувајќи ја четвртата титула во низа. Марко Симоновски и Сеад Шеховиќ ја поделија МВП наградата.
Со водство во текот на целиот натпревар во Скопје, домашните кошаркари заслужено славеа до 94-85, остварувајќи го третиот триумф во финалната серија доволен за одбрана на титулата. Избраниците на Алеш Пипан одлично го отворија натпреварот, а успешните реализации на Синовец, Самарџиски Чапин и Шеховиќ од стартот на средбата, донесоа рана двоцифрена предност од 22-10. Одличната игра пред се во нападот на МЗТ продолжи до крајот на првата четвртина, која „Металците“ со 34 постигнати поени ја завршија со 15 поени разлика. Преку Луковиќ на почетокот на втората четвртина, а потоа и со шутерската низа на Аврамовиќ и Џекиќ, Куманово успеа да го намали резултатот на 47-37, но Симоновски, Мијатовиќ и Чапин ги доминираа последните минути од полувремето и МЗТ дополнително ја зголеми разликата, па на пауза се замина со 59-38.
Сепак, како што неколкупати се случуваше во претходните натпревари од финалната серија, Куманово на почетокот на второто полувреме најави дека нема намера рано да се откаже и покрај тоа што противникот веќе има високо водство, па Караџовски, Костоски и Мандиќ со добра организација на играта на Куманово во нападот, ја намалија негативата на само 8 поени (71-63). Во четвртата четвртина се играше квалитетна и неизввесна кошарка, но Куманово освен тоа што во еден момент се доближи до 4 поени разлика (76-72), не успеа да комплетира пресврт. Петте поени по ред на Синовец кои потоа беа надополнети и со уште една негова тројка, повторно го искачија МЗТ на 10 поени разлика, а Куманово немаше сили да се опорави до крајот па МЗТ го приведе натпреварот во сигурна завршница за конечен триумф од 94-85.
На крајот на натпреварот, Предраг Самарџиски заврши како најефикасен со 22 поени и 11 скокови, а двоцифрени беа и Синовец, Чапин, Шеховиќ и Мијатовиќ. Во екипата на Куманово, Вукашин Мандиќ беше најпрецизен со 23 поени, а меѓу најистакнатите беа и Костоски, Џекиќ, Караџовски и Луковиќ.
По завршувањето на финалната серија, Марко Симоновски и Сеад Шеховиќ го поделија МВП признанието за најкорисни во шампионскиот тим. МЗТ Скопје Аеродром ја освои четвртата титула во низа и сега се искачи сам на втората позиција по успешност во историјата на Македонското првенство, со еден трофеј повеќе од Фени Индустри. За Куманово ова беше втор настап во финалето, по првиот во 2002 година.