Министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми, денеска во кампусот на Универзитетот на Југо-Источна Европа, присуствуваше на церемонијата на дипломирањето на единаесеттата генерација.
„Денес се чувствувам привилегиран затоа што ми се дава можноста да се обратам пред дипломираните студенти на Универзитетот рангиран меѓу најдобрите институции на високото образование во земјата и во поширокиот регион,“ рече Адеми, напоменувајќи дека овој универзитет е промотор на промени и прогресивни идеи за подобрување на квалитетот на високото образование.
Се чувствувам сигурен, потенцираше Адеми, дека иднината на албанскиот народ во Македонија е во рацете на мудри и талентирани млади луѓе кои може да се соочат со предизвиците на времето, и да бидат еднакви во секоја арена на општествениот живот со своите врсници во нашата земја, но и во други земји.
„Одлуката на Владата на Република Македонија, да му оддели на УЈИЕ 500.000 евра од буџетот на Министерството е исправна и на место. Среќен сум што Министерството кое го водам јас побара од Владата да донесе таква одлука затоа што овој храм на знаење ја заслужува нашата поддршка. Во донесувањето на таа одлука се водевме од потребата за конкуренција помеѓу високообразовните установи, поддршката на квалитетот на образованието, признавањето на придонесот на меѓународните партнери кои го подржаа овој универзитет. Но исто така и од одговорноста да се награди ефикасноста на работата и управувањето на актуелниот менаџерски персонал, предводен од ректорот, проф. д-р. Замир Дика, првиот ректор проф. д-р Алајдин Абази и целиот академски персонал ангажиран во УЈИЕ“, истакна Адеми.
Обраќајки им се на дипломираните студенти, министерот потенцираше дека тие ќе бидат амбасадори на Универзитетот, и дека ќе бидат најдобрите примери на оваа институција.
„Нека вашата работа биде незапирлива и нека обезбеди сигурност за новата ера во која што добиената диплома ќе биде потврда за вашето вистинско знаење. Универзитетот секогаш ќе остане најсилна и најважна институција на високото образование – генератор на развојот на општеството засновано на знаење. Затоа, овој универзитет ви дал знаење, вештини и доволни компетенции за да може да се натпреварувате и да успеете на пазарот на трудот. Современите студиски програми кои ги следевте несомнено ќе ги зголемат вашите шанси за вработување, бидејќи овој универзитет има значајна репутација на меѓународно ниво“, истакна Адеми.
Податоците, додаде министерот, покажуваат дека 12% од студентите на овој Универзитет успеваат да се вработат пред дипломирањето, додека во првата година по дипломирањето, се вработуваат 50% од нив, а тоа претставува надеж дека ќе се вработат или ќе продолжат со нивната академска кариера во овој или во најдобрите универзитети во земјата и во светот.