На 22-ри јуни годинава завршува јавниот повик за изградба на дополнителни 2.800 метри патека околу Дојранското езеро како продолжение на веќе изградената од 2.600 метри, а изработена е и проектна документација за 1.350 метри нови плажи, соопшти министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.
На работната средба со градоначалникот Борче Стамов во Дојран, Мисајловски најави дека проектот за патеката предвидува целосно осветлување и хортикултурно уредување. Вкупната инвестицијата е 32 милиони денари.
Како што соопшто Министерството за транспорт, фокус на состанокот беше и објавениот оглас за продажба на 17 градежни парцели во општина Дојран од кои 15 се наменети за изградба на викенд-куќи во населбата Калдрма во Нов Дојран, една е за изградба на комерцијален објект, исто така во населбата Калдрма, а една е за комерцијален објект во туристичката населба Сарач.
Почетната цена за парцелите наменети за викенд-куќи изнесува 61 денар за метар квадратен, а за комерцијалните објекти 500 денари за метар квадратен.
„Министерството за транспорт и врски во изминатиот период направи многу за подобрување на квалитетот за живеење во Општината преку подобрување на патната инфраструктура, комуналниот сектор и секако туризмот. Реализираме проекти преку кои сакаме на Дојран да му го вратиме стариот туристички дух, да го развиваме како атрактивна туристичка дестинација, да ги задржиме домашните туристи, но и да привлечеме што повеќе странски туристи“, изјави Мисајловски.
Во делот на патната инфраструктура министерот најави дека ова лето ќе почне рехабилитацијата на регионалниот пат Нов Дојран-Николиќ во должина од околу шест километри. Финансиските средства се обезбедени. Се очекува градежните работи да траат шест месеци.