Се разгледува можноста социјално-ранливите категории граѓани кои ќе се запишат на магистерски и докторски студииње на еден од факултетите и универзитетите во државата во иднина да може да студираат бесплатно, изјави денеска премиерот Никола Груевски на отпочнувањето на проширувањето на улицата „Маџари“ во општина Гази Баба.
„За овие олеснувања неодамна разговаравме во Владата. Тие се дел од нашите ветувања и Владата донесе заклучок да го задолжи Министерството за образование и наука при наредната промена на Законот за високо обрзование да се предвиди во упишувањето во вториот и трет циклус студии – магистерски и докторски, да се предвиде во законот 10 отсто од квотите што се примаат на секој факултет и универзитет да бидат бесплатни за лица кои се од социјално ранливи категории. Доколку има повеќе од 10 отсто кои конкурираат, во тој случај критериумот да биде за оние кои имаат најниски приходи, односно се во најзагрозена социјална категорија“, рече Груевски на новинарско прашање.
Со ова, нагласи тој, сакаме да излеземе во пресрет на лицата кои се со пониски примања во своите семејства, а имаат капацитет и ги поминуваат условите за запишување на магистерски или докторски студии да имаат можност да се запишат без плаќање на потребната партиципација, односно без плаќање на трошоците коишто се за овој вид студии.
„Ова е наше ветување и за ова донесовме заклучок МОН да внимава при наредната измена на Законот за високо образование да не се пропушти да се внесе во овој закон,“ рече Груевски.