Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој учествува на Глобалниот форум за безбедност „ГЛОБСЕК 2015″ во Братислава, денеска на средба со генералот Џон Ален, специјален претставник на американскиот претседател Барак Обама во коалицијата за борба протис ИСИС, побара засилен ангажман од САД во насока на зголемување на безбедноста и соработката во нашиот регион.
„Без зголемување на довербата и соработката на безбедносните служби, нашиот регион ќе биде и натаму ранлив под заканите од насилниот екстремизам и радикализам, заканата од странските терористички борци”, потенцира претседателот Иванов, додавајќи оти САД треба да помогне во таа насока.
На средбата, на која се разменети мислења и информации за актуелните безбедносно-политички состојби во Република Македонија и во регионот, претседателот Иванов истакна дека на неинтегрираниот Западен Балкан му е потребен безбедносен чадор и посочи дека Република Македонија се надева на засилена поддршка од САД за полноправно членство во НАТО. Членството на Македонија во НАТО, подвлече претседателот Иванов, позитивно ќе влијае на безбедноста и стабилноста во регионот.
Претседателот Иванов изрази благодарност за континуираната поддршка од САД за интегрирање на Република Македонија во НАТО, притоа нагласувајќи ја потребата од интензивирање на ваквата поддршка и во наредниот период.
„САД им дава посебно внимание на стратешките и партнерски односи со Македонија и благодарни сме за улогата и ангажманот на Македонија во мировните мисии и во коалицијата за борба против ИСИС“, истакна генералот Ален.
Тој додаде дека САД се подготвени за продолжување и интензивирање на соработката со Република Македонија во сферата на безбедноста.
Во тој контекст, претседателот Иванов и генералот Ален го реафирмираа долгорочниот заемен интерес за интензивирање на стратешкото партнерство со САД, вклучувајќи ја и одличната соработка во одбраната и меѓународната борба против тероризмот – во согласност со Декларацијата за стратешко партенерство, од мај 2008 година.
На средбата беше нагласена и потребата од натамошно зајакнување на целокупниот дијалог, и интензивирање на постоечката соработка во сите области од заемен интерес, на билатерално и мултилатерално ниво.
Претседателот Иванов на безбедносниот форум ќе се обрати на сесијата „Балканска шаховска табла: Дали влогот е целосна и слободна Европа”.