Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески денеска оствари средба со членовите на македонската карате репрезентација и наши најдобри каратисти во моментов, Емил Павлов и Мартин Несторовски, кои освоија медали на неодамна завршените Европски игри во Баку, Азербејџан.
„Карате спортот е во голем подем и има голем потенцијал, за што говорат и резултатите. Имено, во последниве неколку години имаме неколку европски шампиони и вице-шампиони во повеќе категории и во машка и женска конкуренција, со што карате спортот дефинитивно е меѓу најуспешните и најтрофејните спортови во земјава. Тоа се докажа и на Првите Европски олимписки игри во Баку, каде нашите каратисти освоија 2 бронзени медали. Со овој огромен успех, македонското карате продолжува да ги испишува светлите страници во својата спортска историја“, – изјави Спасески честитајќи го успехот на репрезентативците, тренерите и целокупниот стручен штаб на карате репрезенатацијата.
Директорот на АМС порача дека агенцијата ќе продолжи финансиски и логистички да го поддржува карате спортот.
„Голем дел од нашите репрезентативци се и носители на стипендиите, кои ги доделува АМС, како и на највисокото спортско признание, Националното спортско признание – Спортска пензија, со што им оддаваме почит и јавно признание и докажуваме дека државата се грижи и понатаму ќе продолжи да се грижи за врвните спортисти, кои ја промовираат Република Македонија на меѓународната спортска сцена. Емил и Мартин се носители на стипендии од Светска категорија и четири години земаат по една просечна плата на месечна основа, а Емил е носител и на највисокото спортско признание, популарната „Спортска пензија“ и истиот по завршување на спортската кариера, ќе добива месечен надомест во висина од една просечна плата“, – додаде Спасески.
Емил Павлов секунди го делеа од повисок пласман, но мало невнимание го оддалечи од среброто или можеби и златниот медал.
„Се уште не ми се верува како на секунда до крајот направив несфатлива грешка и го пропуштив финалето. Сепак победив во борбата за третото место и тоа ми дава мотивација да продолжам понатаму со исто темпо. За овој резултат голема заслуга имаат психологот Ленче Алексовска и секако Агенцијата за млади и спорт, бидејќи со нејзината стипендија можам професионално да се посветам на тренинзите и подготовките“. – истакна Павлов.
Мартин Несторовски задоволен од постигнатото во Баку, рече дека токму од него и од Павлов се очекувале најголеми резултати и поради тоа биле под психолошки притисок, но тоа не ги спречи да стигнат до медал.
„Без поддршката од АМС, МОК и Карате федерацијата немаше да го постигнеме овој резултат. Одиме понатаму кон нови успеси“, – рече Несторовски.
Павлов и Несторовски беа единствените Македонци кои се искачија на победничкиот подиум на Игрите во Баку.