Вчера на плажа во Претор на Преспанското езеро, се реализира превентивна активност „Летен хепенинг 2015“. Активноста традиционално се спроведува секоја година за време на туристичката сезона во Преспа, а истата е дел од превентивниот проект на ПС од ОН Ресен „Безбедно на нашите плажи“, кој се реализира во партнерство со Локалната самоуправа Ресен, Црвениот Крст и бизнис заедницата.
Настанот беше проследен со културно- уметничка програма, спортски активности во кои учествуваа и полициски службеници, граѓани и деца од општина Ресен, показни вежби за заштита и спасување на давеник, фаќање сторител на кражба на паричник на плажа, совети за самозаштита од кражби на плажа, топлотен удар и сл. На посетителите им беа делени флаери, како и фризби на кои се отпечатени одредени совети за заштита на плажа.
Целта на проектот и самата манифестација е заеднички, во партнерство со низа фактори од локалната заедница да се делува врз безбедноста на граѓаните и туристите кои ги посетуваат плажите во Преспа, со акцент на превенција од кражби на плажа, во возила и во туристичките населби.