Се зголемува бројот на пациенти кои навреме го откажуваат закажаниот термин за преглед/снимање на кој не биле во можност да дојдат, но се уште е голем бројот на пациенти кои не се појавиле на закажаниот термин и претходно не го откажале, а дел од нив не се појавиле на закажаниот термин дури 14, 15 и 17 пати, покажаа резултатите од анализата на податоците на системот МојТермин.
Пациентите кои не можат да дојдат на закажаниот преглед, можат да го откажат со јавување на телефонскиот број 15 444 или со праќање СМС порака на бројот 144 194 со содржина број на упат. На презентацијата на резултатите од анализата на податоците на МојТермин денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров рече дека откажувањето на термините за преглед/снимање изминатиот месец е за 8 отсто зголемено споредено со месец мај, односно во јуни биле откажани 25.668 термини, додека во мај биле откажани 23.806 термини.
Со анализата на системот МојТермин е утврдено дека од почетокот на годинава, досега, 125.614 пациенти не се појавиле на најмалку еден закажан преглед, а меѓу нив 106 пациенти не се појавиле на шест или повеќе од шест закажани термини. Поконкретно, истакна министерот, меѓу овие пациенти има пациент кој не се појавил на дури 17 закажани термини во изминативе шест месеци, а друг пациент не се појавил на 15 закажани термини.
Неоткажувањето на термините сериозно го оптоварува здравствениот систем и е еден од најголемите фактори за вештачки голема листа на чекање. Анализата на податоците од системот МојТермин, потенцира министерот, даваат јасна претстава за причините за зголемените листи на чекање.
„Анализата покажа дека за специјалноста ортопедија во Тетово пациентите чекаат 21 ден за преглед, а доколку се искористеле 1.215 термини на кои пациентите не се појавиле, тогаш пациентите нема да чекаат за преглед подолго од четири дена. Тоа би било намалување на времето за чекање за преглед за повеќе од пет пати. На ортопедија во Охрид за преглед се чека 14 дена, а доколку се искористеле 1.425 термини од страна на пациентите кои имале закажано, а не се појавиле на преглед, нема да се чека повеќе од три до четири дена, потенцирајќи дека чекањето на Универзитетската клиника за кардиологија исто така би се намалило и нема да биде повеќе од 7 седум дена, доколку 2.076 пациенти ги откажале термините за преглед кои им биле резервирани, а на кои не се појавиле.“– рече Тодоров.
Во Градската општа болница „8 Септември“ за цел август на ортопедија се креирани 436 термини, а во изминативе шест месеци не се искористиле 462 закажани термини од пациентите, односно повеќе термини од вкупниот број термини креирани за цел месец работа на болницата и докторите.
Слично е и во Општата болница во Струмица, каде за Интерна медицина не се искористени 1.164 закажани термини, кои ако совесно биле откажани, пациентите не би чекале повеќе од два дена, односно времето на чекање би се намалило од девет на два дена.
Нагласи дека пациентите кои 14, 15 и 17 пати не дошле на закажан термин за преглед не само што направиле финансиска штета на болницата и на здравствениот систем, туку и директно влијаеле некој пациент, кој има сериозна и неопходна потреба од побрз преглед истиот да го добие за четири или пет пати подолг временски период од реалниот.
„Ова е појава која сериозно влијае на функционирањето на здравствениот систем на Република Македонија, имајќи предвид дека овие пациенти непотребно ги зафатиле термините и го зголемиле времето на чекање за пациенти на кои здравствената услуга им била понеопходна“, истакна Тодоров.
Посочи дека на ниво на јавни здравствени установи и конкретни специјалности, најголем број пациенти не се појавиле на закажан термин на: Институт за трансфузиона медицина (специјалност-трансфузиона медицина) – 2.961 пациент не дошле на закажан термин, Клиника за кардиологија (специјалност-кардиологија) – 2.076 пациенти не се појавиле на закажан термин, Клиничка болница Тетово (специјалност-интерна медицина) – 1.981 пациент не се појавиле на закажан термин, на Клиниката за гинекологија и акушерство по специјалноста гинекологија и акушерство вкупно 1.702 пациенти не се појавиле на закажан термин,
„Листите на пациенти кои најчесто не се појавувале на закажаните термини за преглед/снимање ќе бидат доставени до јавните здравствени установи со комплетни податоци за пациентите. Исто така, денес ќе се обратиме до нивните матични доктори да образложат дали имаат информација зошто нивниот матичен пациент не се појавуваат на закажаните термини, а воедно ќе побараме повторно да им укажат на пациентите дека не е дозволено и е незаконски да се закаже термин и истиот да не се искористи, а притоа и да не се откаже навремено“, рече Тодоров.
Паралелно, нагласи Тодоров, Министерството за здравство ќе испрати и лично адресирани писма до пациентите кои најчесто не се појавувале на закажаните термини, со цел да им укажеме дека е незаконски и несовесно да се закажуваат термини и потоа истите да не се користат, односно ќе им укажеме дека со навременото и совесно откажување на термините ќе придонесат истите да ги искористат пациенти на кои конкретната здравствена услуга им е понеопходна.
Укажа дека следна мерка која ќе ја преземе Министерството за здравство со цел да се анулира оваа појава е посета на тие пациенти во нивните домови од страна на тим од МојТермин, како и тим од јавните здравствени установи, за да се поразговара со нив за евентуалните проблеми поради кои често биле спречени да се појават на закажаните прегледи.
„Со преземањето на овие мерки, се стремиме кон целосно искоренување на оваа појава која негативно се одразува на целокупното функционирање на системот. Паралелно со почитувањето на термините од пациентите, важен аспект за оптимално функционирање на целиот систем е и почитувањето на закажаните термини од страна на докторите. Постојаната контрола и преземените мерки вродија со плод и сериозно се намали бројот на доктори кои доцнат на првиот преглед, односно во јуни бројот на доктори кои доцнеле три или повеќе од три пати подолго од еден час на првиот закажан преглед е за околу 15 пати помал во споредба со септември минатата година (јуни 2015 – 11 доктори, септември 2014 – 162 доктори)“, истакна Тодоров, кој очекува дека преземањето на најавените мерки ќе придонесат за подигнување на свесноста кај пациентите кои не можат на дојдат на закажаниот преглед, навреме и совесно да го откажат терминот.