Во текот на минатата недела, царинските службеници открија една царинска измама и неколку обиди за криумчарење, при што привремено се задржани девизи, облека и фалсификати.
Девизи
– 7.000 евра, откриени при личен претрес на македонски државјанин, кој како патник во турски автобус, што сообраќал на релација Скопје – Истанбул, се пријавил за излез од државата на граничниот премин Богородица. Во џеб од фармерките на патникот биле пронајдени 9.000 евра, за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи на патникот му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата.
Облека
– 1.448 парчиња облека (хеланки, маици и долна облека), откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола македонски камион натоварен со текстилни производи со потекло од Турција, наменети за фирма увозник од Струмица, пријавени за увозно царинење на царинската испостава Скопје 1.
Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост
– 1.280 пара спортски обувки и 285 спортски ранци со лого на заштитени трговски марки, откриени при контрола на турски камион натоварен со стока со потекло од Турција, наменета за увозник од Косово, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран. Пазарната вредност на стоката, доколку би се продавала како оригинал, се проценува на околу 4,5 милиони денари.
Измама
На царинската испостава Гевгелија е откриен обид за внесување на стока без соодветна дозвола за увоз, согласно Водичот за царинење.
Фирма од Богданци, со една царинска декларација, пријавила за увозно царинење повеќе видови ѓубрива. При детален преглед на стоката, царинските службеници се посомневале дека 480 кг минерално ѓубриво се погрешно распоредени според царинската тарифа, поради што се земени мостри и испратени на анализа во царинската лабораторија. Анализата покажала дека предметното ѓубриво треба да се распореди во сосема друга тарифна ознака, при што, според пропишаните стапки за царински давачки и ДДВ, не се избегнати увозни давачки, но е потребна дозвола за увоз што ја издава Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Царинската испостава Гевгелија изготви Записник за утврдени основи за примена на мерките на трговска политика и покрена прекршочна постапка со мандатно казнување против фирмата увозник, со можност стоката да ја врати во странство или да ја оцарини откако ќе добие одобрение за увоз.
Акцизна стока
Минатата недела, по дојава на Управата за јавни приходи, царински службеници извршија контроли на акцизна стока во неколку угостителски објекти во Битола и Охрид, при што се пронајдени алкохолни пијалоци без акцизни маркички и за нив сопствениците не поседувале сертификат за квалитет. Запленети се:
– 1 шишe со вињак „Glembay“ и 1 отворено шише со 0,25 литри виски „Johnnie Walker – Red Label“
– 2 шишиња со 1 литар домашна жолта ракија, 1 шише со 1 литар домашна бела ракија и 1 шише со 0.7 литри коњак „Skenderbeu“,
– 4 пластични шишња со 11 литри домашна ракија и 1 отворено шише виски „Chivas Regal“ со 0.2 литри, 1 отворено шише ракија „Antiка“ со 0.35 литри, 1 отворено шише виски „Ј&B“ со 0.4 литри и 1 отворено шише узо „12 Ouzo“ со 0.65 литри.