Одделот за организиран криминал до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против лицата А.Т.(51) од Кавадарци, раководител во Агенција за катастар на недвижности-Одделение за катастар на недвижности Кавадарци, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по чл.353 од КЗ на РМ, а во врска со чл.45 ст.1 од КЗ на РМ и Д.К.(54) од Скопје, сопственик на правното лице “КОДИНГ” ДООЕЛ Скопје, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „поттикнување“ по чл.23 во врска со кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ по чл.353 од КЗ на РМ.
Имено, првопријавениот во својство на службено лице, вработено во Агенцијата за катастар на недвижности-Одделение за катастар на недвижности Кавадарци (Поранешен Државен завод за геодетски работи), во текот на 2004 година искористувајќи ја својата службена положба и овластување, односно постапувајќи по предмет бр.1201/120 од 20.06.2004 година за излагање на јавен увид на податоци од премерот на недвижностите со утврдување на правата на недвижностите за катастарска парцела (по стара евиденција бр.28/125) новооформена бр.534 за КО Конопиште и предмет бр.1122-33/2015 од 10.03.2015 година за исправка на грешка во катастарскиот операт која се однесува на споменатата парцела, извршил промени спротивно на важечките законски прописи, односно без постоење на правен основ на правното лице “КОДИНГ” ДООЕЛ Скопје му евидентирал право на сопственост врз земјиште кое дотогаш било во сопственост на Република Македонија во вкупна површина од 3.592 м2. Во 2015 година, откако било увидено ваквото противправно евидентирање, пријавениот повторно злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување извршил исправка на грешка, иако бил свесен дека ваквата исправка е противзаконска од причина што над имотот за кој наводно била направена грешката имало воспоставено заложно право (хипотека). Со ваквите противправни дејствија, пријавениот на правниот субјект “КОДИНГ” ДООЕЛ Скопје му овозможил да се стекне со противправна имотна корист, а со самото тоа го сторил кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Второпријавениот во својство на одговорно лице-управител и сопственик на правното лице “КОДИНГ” ДООЕЛ Скопје во текот на 2004 година иако знаел дека поседува имот-земјиште со површина од 1.700м2 и објект-зграда со површина од 200м2, сите на КП стар број бр.28/125 или нов број КП бр.534 за КО Конопиште, истиот без правен основ изградил нови објекти кои во најголем дел се простирале на спорната парцела бр.534 и ги поттикнал службените лица меѓу кои и првопријавениот да извршат премер и упис на дополнителни 3.592 м2 земјиште без притоа за тоа да постои било каков правен основ. Со ваквите дејствија тој го сторил кривичното дело „потикнување“, во врска со „злоупотреба на службената положба и овластување“. Со самото тоа се стекнал со противправна имотна корист-сопственост врз земјиште во површина од 3.592 м2 (дотогаш сопственост на РМ), легализација на бесправно изградени објекти кои се простираат на спорното земјиште и обезбедување на кредити од комерцијалните банки во корист на неговото правно лице “КОДИНГ” ДООЕЛ Скопје, како и други претпоставени права на располагање кои можел да ги ползува како сопственик на земјиштето.