Извонредното „Киев пијано дуо“ вечерва настапува на „Охридско лето“

Украинското „Киев пијано дуо“ составено од извонредните пијанисти Олександра Зајцева и Дмитро Таванец, вечерва ќе одржи концерт во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот, во рамки на фестивалот „Охридско лето“.

Двајцата млади пијанисти досега има настапувано во повеќе земји во Европа. Нивните концерти секогаш се проследени со возбуда и воодушевување од слушателите. Освен редовните концертни настапи, ова дуо со години наназад учествува и на некои од најпрестижните натпревари во Европа, освојуваjќи голем број награди. Покрај изведувачката дејност, Олександра и Дмитро се јавуваат и како организатори и уметнички директори на интернационалниот фестивал „Чејмбр мјузик сешн“ („Chamber Music Session“). Неодамна го издадоа и својот прв компактен диск, со дела за четирирачно пијано од австрискиот композитор Франц Шуберт. Олександра Зајцева, како солист, е добитник на голем број национални и интернационални награди на повеќе натпревари, меѓу кои: интернационалниот натпревар по пијано „Во сеќавање на А. Рубинштајн“ во Полска, интернационалниот натпревар по пијано „Антонин Дворжак“ во Чешка и др. Нејзината солистичка кариера опфаќа концерти и надвор од родната земја, а неретко може да се сретне и на програмите на некои од најзначајните фестивали во Европа. Моментално работи како професор по пијано на Националната музичка академија во Украина. Дмитро Таванец додипломските и постдипломските студии ги завршил на Националната музичка академија во Украина. Освен како камерен музичар, тој како солист досега настапувал на голем број фестивали во Европа, а добитник е и на повеќе награди на национални и на интернационални натпревари. Од 1999 година работи со Националниот ансамбл на солисти „Киев камерата“ („Kyiv Kamerata“).