Времето во Македонија ќе биде сончево со мала доумерена локална облачност, а повторно не очекуваат високи температури, затоа неопходно е граѓаните да се придржуваат до препораките издадени од пред неколку дена.
Според најавите на метеоролозите попладне во западните делови ќе има краткотраен пороен дожд и појава на грмежи. Ќе дува слаб доумерен ветер од променлив правец.
Утринската температура ќе биде во интервал од 13 до 21 степени, а дневната од 31 до 38 степени.
Инаку, сеуште се на сила препораките од Министерството за здравство издадени откако Македонија беше зафатена со високи температури, кои што ја означуваат жолтата (алертна) фаза.
Бремените и хронично болните се ослободени од работа, а се препорачува на работодавачите да ги реорганизираат работните активности на градежните работници кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење градежни активности на отворено во периодот од 12 до 17 часот.
Општи препораки за заштита од високите температури
За граѓаните од целата држава важат општите препораки за заштита од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност, носење светла и лесна облека, избегнување престој на отворено, консумирање лесна храна, термички обработена храна и повеќе течности (а да се избегнува консумирање на лесно расиплива храна), редовно одржување хигиена на раце и хигиенски начин на подготовка на храната, како и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица.
Исто така, сите заинтересирани граѓани имаат можност да добијат здравствен совет и превентивни препораки за заштита од високи температури во рамки на здравствените пунктови поставени во сите градови во државата, секој ден од 18.30 до 21.30 часот, каде се врши мерење на крвен притисок и се даваат совети за превенција од топлото време и за здрав начин на живот.