Во рамки на фестивалот „Охридско лето“ синоќа по 29-ти пат концерт одржа камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија под иригентската палка на Македонката која живее во Австрија, Елена Митревска.
За разлика од изминатите 28 години, Музичката младина на Македонија овој пат донесе една специфична програма под наслов „Сеќавања од музички патувања“ која беше посветена на Македонското претседателство со Централно-европската иницијатива. Беа претставени четири композитори, а делата од двајца од нив првпат се изведуваат во Македонија.
Концертот започна со делото „Вистас ал Мар“ од шпанскиот композитор Едуард Толдра, а продолжи со љубовните танци на Јоханес Брамс во комбинација со поезија од германски поет којшто слушајќи ги овие игри има напишано поезија за секое парче. Првиот дел од концертот заврши со дела од познатиот унгарски композитор Бела Барток односно со избор од неговите унгарски танци. Во вториот дел од синоќешниот концерт беа изведени „Сувенирите од Фиренца“ на Петар Илич Чајковски.
„Мислам дека програмата оваа година е нешто навистина извонредно и специфично. За првпат со оркестарот во овие 29 години имаме диригент девојка која ни доаѓа од Виена а е Македонка. Станува збор за Елена Митревска која веќе осум години работи во Виена со многу познати оркестри и токму затоа ни е посебна чест и задоволство“, вели генералниот секретар на Музичката младина на Македонија Александар Герасимовски.
Како што вели тој, безмалку тридеценискиот настап на Музичката маладина на Македонија на „Охридско лето“ значи многу, и за оваа организација, но и за него лично.
„За мене лично значи многу учеството на „Охридско лето“ цели 29 години. Што се вели, цел еден век поминав со фестивалските програми.„Охридско лето“ е наш најголем репрезент на културата и се надевам дека ќе остане и понатаму и ќе има поддршка не само од Министерството за култура, туку и од спонзорите. Оркестарот е практично врзан со „Охридско лето“. Сите овие години низ него поминаа повеќе од 300 млади музичари, од кои една третина се од странство“, вели Герасимовски.
Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија е е динствен од ваков вид во Европа со своите години на музицирање и работење. Според Герасимовски, се прават напори да се направи еден оркестар од постарите и помладите членови на МММ и да се претстават сите заедно на 30-годишнината од нивниот традиционален настап на фестивалот „Охридско лето“.