Театарската претстава „Слуга на двајца господари“ во изведба на Турскиот и Албанскиот театар вечерва премиерно ќе биде изведена на фестивалот „Охридско лето“.
Копродукцискиот проект „Слуга на двајца господари“ на Турскиот театар и на Албанскиот театар, по повод одбележувањето на 65-годишнината од основањето, произлегува од две основни потки: преплетувачките точки на трите јазика, нешто што е невозможно да се најде во други поднебја и остриот хумористично-сатиричен јазик на традиционалниот народен театар. Ќе биде изведена во предворјето на црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот. „Слуга на двајца господари“ од Голдони е напишана во 1753 година.
Претставата е комедија за напорот на истрајните вљубени, невини, млади карактери каде што најприродно е концепцијата да се движи во рамките на трите јазика и фантастичната лингвистичка мешавина која опстојува во Македонија. Токму тоа и го направивме… Голдони, италијанскиот народен театар – комедија дел арте, ја реформираше во пишана книжевна форма. Секако, беше мошне важно во претставата да се задржи оваа историска традиционална форма. Од друга страна, турскиот традиционален театар во многу аспекти е близок на комедијата дел арте. – Јуџел Ертен Јуџел Ертен судирал глума во Турција, а режија во Германија. Добитник е на Наградата „Волфганг“ за својата дипломска претстава на отсекот за режија. Режирал во Државните театри во Анкара, во Истанбул, во Измир, во Адана, во Анталија и во Трабзон; во Градските театри во Истанбул, во Измит и во Ескишехир; во неколку приватни театри. Има режирано и во Државната опера во Анкара, во Измир и во Мерсин. Во различни периоди работел како професор, како главен режисер и генерален директор на Државните театри во Турција. Ертен има поставено 75 претстави од кои над 40 проекти се наградувани. Покрај многубројните одиграни улоги на филм и во телевизиски серии, работи на сценски адаптации на драмски текстови и преведува драмски текстови.