Карамазов повторно музицираше за публиката на „Охридско лето“

Познатиот хрватски уметник Един Карамазов синоќа и приреди незаборавно доживување на публиката на фестивалот „Охридско лето“. Овој харизматичен музичар, кој смело ги истражува крајните граници на двата инструмента што ги владее – гитарата и лаутата долови дела од Питер Скулторп, Лео Брауер, Арво Парт, Фернандо Сор, Агустин Бариос и Астор Пјацола. 

Карамазов е еден од најинтересните и највозбудливи свирачи на лаута, кој собра одлични критики низ Европа и Америка за својата виртуозност при изведбата на широкиот репертоар, кој се протега од 16 век па се’ до денес. Тој ја започнал својата кариера како класичен гитарист, пред да и се посвети на барокната лаута, која ја изучувал на „Скола Канторум Басилиенсис“ во Базел, Швајцарија.

Карамазов има настапувано на познати сцени во Амстердам, Виена, Берлин, Лондон, но она што го направи широко познат е соработката со Стинг на серија од неколку концерти и снимање на композиции од Џон Доунленд. Един Карамазов е добитник на многубројни награди, меѓу кои престижната награда „Едисон“ во 2002 година, потоа наградата „Кубадиско“ за најдобар странски музичар на Куба, а номиниран бил и за наградите „Греми“ во 2001 година и за наградите „Брит“ во 2007 година.

Карамазов е добитник и на неколку признанија. Голем број композитори (Кшиштоф Пендерецки, Арво Парт, Никита Кошкин, Лео Броуер и др.) напишале дела за гитара или за лаута, посветени токму на овој изведувач.

edin_koncert3