Извршени се 2.731 прегледи низ целата држава, во 17 јавни здравствени установи, во рамки на бесплатниот мамографски скрининг за рано откривање карцином на дојка, што Министерството за здравство почна да го спроведува од 7 април. Од извршените прегледи, вкупно 2.243 се со уреден наод (без присутни знаци на карцином). Вкупно 488 жени се упатени на понатамошни испитувања врз основа на потреба за додефинирање на детектираната промена.
Упатувањето на понатамошни испитувања, како што се наведува, се прави врз основа на упатствата од медицина базирана на докази. Во зависност од наодот, 460 жени се испратени на ултразвучен преглед, кај 9 жени се направени дополнителни мамографски проекции, кај 12 жени е извршена тенко-иглена (аспирациона) биопсија, додека кор биопсија е извршена кај пет жени. Инаку, досега, со извршените испитувања се откриени три случаи на карцином на дојка и пациентките се упатени на хирургија, а во моментот се уште се испитуваат уште неколку случаи.
Во државите во Европската унија просекот е 1,5 – 2 откриени случаи на 1.000 прегледи и нашата држава е во рамки на европскиот просек.
Установи кои направиле најмногу скрининзи се ЈЗУ УК за Радиологија (446), ЈЗУ Клиничка болница „Д-Р Трифун Пановски“–Битола (359), ЈЗУ Општа болница – Струмица (255) и ЈЗУ Општа болница Велес (215).
Сите дополнителни испитувања кои се потребни ги закажува матичниот лекар во системот „Мој термин“. Матичните лекари имаат пристап до извештаите (резултатите) од извршениот мамографски скрининг и врз основа на тоа вршат упатување на жената до конкретната специјалност каде треба да се извршат дополнителни испитувања.
Министерството за здравство изминатиот месец спроведе анонимно истражување за информираноста на жените за мамографскиот скрининг за рано откривање карцином на дојка и навремена заштита на здравјето.
„ Резултатите од истражувањето покажаа дека околу 65 отсто од жените на возраст од 50 до 59 години се запознаени со бесплатниот скрининг за рано откривање на карцином на дојката, што покажува дека континуираното информирање за можностите за превентивни прегледи дава позитивни резултати. 56,3 отсто од жените кои се информирани за овој скрининг на Министерството за здравство, се информирале преку медиуми (печатени и електронски)“, се вели во соопштението.
Испитаниците на анкетата на возраст од 50 – 59 години, или вкупно 55,4 отсто одговориле дека имаат направено мамографија. Значајно е што од испитаните жени кои направиле мамографија, вкупно 91,6 отсто се задоволни од односот на медицинскиот персонал кој ги прегледувал.
Со мамографскиот скрининг се опфатени жените на возраст од 50 години, кои се асимптоматски (без симптоми на болест) и кои, согласно податоците од системот „Мој термин“ не направиле мамографска контрола во последните две години. На овој начин ќе бидат опфатени жените од оваа возрасна група кои се заинтересирани за овој вид скрининг. Околу 14 илјади жени спаѓаат во оваа категорија, а предвидено е понатаму скринингот да ја опфати и возрасната група од 50-69 години.
Повикувањето за мамографски скрининг го вршат самите установи со телефонско јавување кај жените од конкретната возрасна група. Секоја заинтересирана жена која спаѓа во оваа возрасна група може да се обрати до Министерството за здравство на телефонскиот број (02) 15 444 или на маил адресата mamografijaskrining@zdravstvo.gov.mk и да остави податоци за контакт.
Мамографскиот скрининг е една од најзначајните мерки за рано откривање рак на дојка, а со тоа и заштита на здравјето на женската популација, имајќи предвид дека тоа е најчестото малигно заболување кај жените.
Мамографскиот скрининг во Македонија функционира според сите стандарди и препораки од европските водичи во оваа област.