Над 40 поети од повеќе од 25 земји во светот ќе учествуваат на 54. Струшки вечери на поезијата што од 26 до 31 август ќе се одржуваат во Струга, но поeзија ќе се чита и во други градови низ Македонија.
Директорот на фестивалот Мите Стефоски на денешната средба со новинарите истакна дека покрај традиционалното отворање на Фестивалот со читање на Константиновата Т`га за југ поетско послание ќе има познатиот сириско-либански поет со светска слава Адонис.
„СВП ќе ги отвори Адонис со поетско послание. Ден претходно неговата поезија ќе биде претставена на посебно изградена сцена во близина на плажата „Галеб“. Тоа ќе биде поимпознантна сцена, која ќе биде користена и за „Ноќите без интерпункција“, за програмата „Кругови“ и за поетските портрети“, – информира Стефоски.
Покрај поетските читања во Струга и Охрид, годинава за прв пат поетите ќе имаат можност да ја претстават својата поезија и во Ресен, Битола и Скопје.
„СВП истовремено ќе бидат присутни во повеќе културни средини и пред разновидна заинтересирана публика. Ништо од она што се одвива во Струга не е загрозено, или пак ќе изгуби од квалитет, туку напротив, го побудува интересот на пошироката публика за тие настани и во Струга. Го приближуваме фестивалот до сите кои од разни причини не можеле да го посетат“, – нагласи директорот.
Новина годинава, според Стефоски, се и поетските портрети, каде неколку значајни имиња ќе се претстават со поетско читање, но и со нивно претставување, што ќе донесе поинаква форма за комуницирање со нив.
„Ќе им се даде фокус на познатите имиња. Да не се случи како што било некогаш да дојде некој од поетите да прочита само една негова песна. Сепак се тоа едни од најзначајните имиња на денешницата во светот на поезијата“, – рече Стефоски, кој покрај лауреатот Дао ги посочи и Јусеф Комунјака од САД – добитник на Пулицерова награда, Адонис, кој е лауреат на СВП од 1997…
Најавениот Зимски поетски фестивал на СВП, кој треба да се одржи од 1 до 6 декември, според Стефоски, е комплементарен дел на летниот. Во фокусот ќе бидат четворица врвни светски поети, кои ќе бидат претставени пред јавноста преку еден поинаков пристап, преку нов начин и формат на поетки читања, подинамично, посовремено.
Фестивалската програма ќе биде аудио и визуелна спакувана, односно ќе бидта снимани документарни филмови, кои ќе бидат презентирани во текот на целата година.
На 54. СВП ќе учествуваат познати имиња во современиот поетски свет од Шпанија, Шведска, Индија, Германија, Норвешка, Австралија, Чиле, Јапонија, Израел, Словачка, Русија, САД, Либан, Мексико, Молдавија…
Традиционално на затворањето на манестацијата „Мостови“ ќе бидат врачени наградите Златен венец“ на кинескиот лауреат Беи Дао, „Мостови на Струга“ – за дебитантска поетска книга на млад странски автор на Паола Бозалонго од Шпанија и на македонскиот поет кој ќе ја доби наградата „Браќа Миладиновци“.