„Со околу 800 припадници на полициските сили и помошта од АРМ успешно се справивме со наплив од 8.000 бегалциво саботата во Гевгелија, но ескалацијата од ден на ден е се поголема поради неконтролираниот влез на мигрантите од грчка страна. Наша примарна цел е хуманиот однос и третман кон мигрантите и нивна заштита во трансферот низ Македонија.” Ова го истакна министерот за внатрешни работи м-р Митко Чавков кој денес заедно со шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц го посети прифатниот камп за мигранти во Гевгелија.
„Од безбедносен аспект успеавме да ги заштитиме од организирани групи и криминални мрежи кои ги прифаќаа и нелегално ги превезуваа до Србија”, истакна Чавков.
„Наша проценка е дека ескалацијата ќе продолжи и оти е нелогично што проблемот ни доаѓа од земја-членка на ЕУ со која немаме никакви контакти во тој дел, поради што очекуваме конкретна помош од Европската унија“.- рече Чавков.
Исто така министерот Чавков информираше дека наскоро во Македонија за изнаоѓање заеднички решенија околу бегалската криза ќе се состанат министрите за внатрешни работи на Австрија, Унгарија, Србија и Македонија.
„Ситуацијата во Македонија е драматична, земјата е оставена сама да се справува со големиот број мигранти и затоа ЕУ мора да помогне. Неопходен е заеднички пристап и не смее понатаму да се дозволи во Македонија да влегуваат нерегистрирани мигранти од Грција. Европската унија конечно мора да погледне и на бегалската рута низ Македонија, а не само на таа во Италија. Долгорочно решение на проблемот е можно само ако се договорат кризните држави. Во секој случај, Австрија ќе помогне и ќе соработува со македонската Влада“, истакна министерот за надворешни работи на Австрија Себастијан Курц.
Инаку, министрите Чавков и Курц во прифатниот камп во близина на границата со Грција, разговараа со претставници на мигрантите, на претставниците на УНХЦР и на невладините организации активни на теренот, ооколу моменталните состојби и начините за олеснување на бегалската криза. При посетата во Гевгелија, двајцата министри направија обиколки на транспортниот центар и граничната линија со Грција како места на кои се собираат бегалците.