„Охридска софра 2015“ во недела во Скребатно

Традиционалната туристичко промотивна манифестација „ Охридска софра“, што по трет пат ја организира општина Охрид, ќе се одржи во недела на 30-ти август, во манастирскиот комплекс „Пресвета Богородица“ во селото Скребатно. Целта на манифестацијата, со која симболично се означува крајот на главната туристичка сезона, е да ја промовира традиционалната охридска кујна со подготовка на локални специјалитети, меѓу кои посебно место има ѓомлезето и да ја збогати туристичката понуда.

„Годинешното издание на „ Охридска софра“ ќе започне во 9 часот со почетокот на натпреварот во подготовка на ѓомлезето, на кој ќе учествуваат 15 мајстори за овој специјалитет. Во 11 часот и 30 минути, посебна жири комисија ќе врши дегустација на подготвеното ѓомлезе, а во 12 часот ќе започне официјалниот дел во кој ќе бидат прогласени победниците. Во културно забавниот дел, ќе настапи етно групата „ Баклава“ – рече на денешната прес конференција, раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој, Ѓоко Апостолов.

Sofra2015_4851

Покрај подготвувањето на ѓомлезето, како што најави Апостолов, студенти од Факултетот за туризам и угостителство, ќе приготвуваат и ќе презентираат традиционални специјалитети од охридското поднебје , Здружението на пчелари ќе има изложба на мед, претставници на „ кластерот еден“ ќе презентираат производи и аранжмани на нивните членки, а штандови со здрава храна ќе имаат претставници од манастирскиот одбор и фирмата „ Градинар“ .

За сите заинтересирани граѓани, има организиран бесплатен превоз. Комбињата на превозникот „ Омега- транс“ , ќе тргнуваат од постојката кај поранешниот мини- маркет кај гимназијата од 10 до 11 часот, а враќањето од Скребатно е по завршувањето на манифестацијата во14 часот.