Во вторникот околу 13.00 часот за влез во државата на граничниот премин Табановце пристигнало товарно моторно возило со српски регистраски таблички натоварено со портокали со потекло од Холандија, коишто требало увозно да се царинат во царинската ипсостава Скопје 3. При преглед на документите, односно споредба на вредностите наведени во декларацијата и кантарската белешка (од вага), царинските службеници се посомневале дека во возилото се наоѓа повеќе стока од пријавената.
Имајќи предвид дека станува збор за лесно расиплива стока, како и поради жештините и немањето соодветни услови за преглед на ваква стока, царинските службеници од граничниот премин Табановце го ослободиле возилото да транзитира до Царинската испостава Скопје 3 и да продолжи со увозно царинење, претходно известувајќи ги колегите за случајот и сомневањата.
При детален преглед на стоката која била растоварена во царински склад за таа намена, утврдено е дека 1.932 кг портокали не фигурираат во увозните документи, поради што е изготвен записник за царински прекршок, а стоката е одземена.
Во текот на денешниот ден, стоката е предадена на Агенцијата за управување со одземен имот, од каде се планира да биде донирана за потребите на Прифатниот центар за мигранти во државата.