Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, по спроведена повеќемесечна меѓународна истрага реализираше случај на недозволена трговија со дрога при што од слобода вкупно се лишени 11 лица, од кои петмина во текот на вчерашниот ден (10.09), две лица на 23 јуни годинава, едно лице на 22.05.2015 година на ГП Батровци во соработка со МВР на Р.Србија и две лица на 07.05.2015 во соработка со МВР на Р.Албанија. Исто така вчера, заради дополнително обезбедување на материјални докази извршени се претреси на дом и други простории во Дебар и на повеќе локации во Тетово при што со повеќе месечната истрага запленети се вкупно околу 1,8 килограми марихуана, речиси половина килограм хероин односно 443,52 грами како и 2,83 грама кокаин. Лицата како припадници на организирана криминална група делувале на национално и меѓународно ниво и биле инволвирани во недозволена трговија со хероин, кокаин, марихуана и криумчарење мигранти.
Во текот на вчерашниот ден од слобода биле лишени С.А.(45), С.Љ.(31), И.И.(47), Д.Ј.(36), сите од Тетово и Б.П.(36) од Дебар. Лицата А.Ј. (29), Б.И. (28) од слобода се лишени на 23.06. годинава при што во тој случај беа запленети 1,7 килограми наркотична дрога марихуана, а едно лице во моментот сеуште не е достапно на органите на прогон.
Лицата С.А. и С.Љ. во два наврати односно во текот на месец ноември минатата и јануари годинава, од непознато лице набавиле наркотична кокаин заради натамошна продажба со цел да се стекнат со противправна имотна корист, при што била ангажирана и Е.Д (41) од Велес. По заплената на дрогата, со извршеното вештачење утврдено е дека се работи за вкупно 2,83 грама кокаин. Исто така С.Љ. на почетокот на годинава по инструкции од засега непознато лице на бензиска пумпа во близина на граничен премин „Богордица„ со ТМВ комбе Форд Транзит со германси регистарски ознаки превземал лица илегални мигранти со намера истите да ги пренесе низ територијата на Р.Македонија за содветен парична надомест. По даден знак од страна на полицијата да го сопре возилото, С.Љ. не застанал односно го продолжил своето движење се до Неготино каде го оставил возилото и се дал во бекство. По извршена контрола во возилото пронајдени се шест лица мигранти со потекло од Сирија, Бангладеш и Авганистан со што С.Љ. сторил и кривично дело – “криумчарење на мигранти“.
Лицата И.И. и Д.Ј. во втората половина на јуни годинава, организирале купопродажба на наркотична дрога марихуана, за сума од 3000 евра од лицето Б.П. од Дебар, за што лицата како транспортери ги ангажирале лицата Б.И. и А.Ј. По направениот договор за купопродажба на дрогата Д.Ј. заедно со А.Ј. и Б.И. на 23.06. годинава тргнале во правец на Дебар, каде оствариле средба со Б.П. кој им ја предал дрогата по што истите се упатиле во правец на Тетово каде на патниот правец Маврово-Гостивар од страна на полициски службеници сопрено е ПМВ марка Цитроен со тетовски регистарски таблички управувано од Б.И. и како сопатник А.Ј. По извршен преглед над возилото кај совозачот во просторот за нозете под патосницата пронајдени се две поголеми пакувања облепени со сeлотејп лента исполнети со непозната растителна материја зелена боја кои што се одземени и предадени на вештачење. По извршено вештачење утврдено е дека се работи за 1,7 килограми марихуана.
Во врска со оваа заплена до ОЈО Гостивар поднесена е соодветна пријава, и на лицата им беше одредена мерка притвор во траење од 30 дена.
Лицето И.И. се јавува и како организатор на уште две други заплени од кои едната е на 22.05.2015 година при што во соработка со МВР на Р. Србија на ГП Батровци од слобода е лишено лицето Е.М. (49) од Тетово, кој патувал со автобус на релација Струга-Копар при што кај него во тетрапак сок пронајдени беа 443,52 грами хероин. Исто така, на 07.05.2015 година во соработка со МВР на Р. Албанија по извршена контрола и претрес на ПМВ “VW Polo“ со тетовски регистарски таблички на територија на соседна Албанија од слобода се лишени лицата М.И. (38) и М.А. (45) двајцата од Тетово при што запленети се 73 грами марихуана. За овие два случаи поднесено е барање за меѓународна правна помош, за што по добивањето на доказите ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција против инволвираните лица поднесена e кривична пријава за – “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.