Воспоставен ефикасен механизам за мирно решавање на работните спорови

Државниот секретар на Министерството за труд и социјална политика Енвер Хусејин се обрати на конференција за медиумите организирана во рамки на Проектот за унапредување на социјалниот дијалог кој е финансиран од Европската Унија, a го спроведува Меѓународната организација на трудот на тема „Мирно решавање на работни спорови”.

При тоа тој информираше дека нови 18 кандидати за помирувачи и арбитри за мирно решавање на работни спорови ќе се стекнат со неопходното знаење и вештини за менаџирање на конфликти и решавање на спорови, кое ќе им го пренесат реномирани меѓународни експерти од оваа област. Доколку успешно ја поминат обуката, кандидатите ќе исполнат еден од законските услови за добивање лиценца за помирувачи и арбитри за мирно решавање на работни спорови, која до сега ја имаат добиено седум лица.

Државниот секретар Хусејин рече дека со обуката и лиценцирањето на помирувачите и арбитрите, се исполнуваат сите предуслови за успешно функционирање на механизмот за мирно решавање на работни спорови во Република Македонија, кој се темели на законска и институционална рамка во која се имплементирани клучните принципи на Меѓународната организација на трудот и на Европската унија во оваа област.

Во завршна фаза е и развојот на електронскиот систем за управување со случаите, којшто вклучува и регистар на лиценцирани помирувачи и арбитри, со што ќе се овозможи прецизно, навремено и поедноставно управување со работните спорови, од нивното иницирање, до нивното разрешување.

„Новиот механизам треба да овозможи брзо, ефикасно и финансиски исплатливо вон судско решавање на колективни и индивидуални работни спорови. Оваа практична и корисна обука ќе ги подготви идните помирувачи и арбитри ефикасно да ја применуваат законски утврдената постапка од што корист ќе имаат и работниците и работодавачите, но и земјата во целина”, рече државниот секретар на Министерството за труд и социјална политика Енвер Хусејин.

Во текот на обуката, кандидатите стекнуваат знаења и вештини од над дваесет релевантни теми од областа на преговарањето, градењето консензус и процесот на помирување, а детално се запознаваат и со законската и институционалната рамка за мирно решавање на работни спорови во Македонија.

Начинот на мирно решавање на споровите кои можат да произлезат од процесот на колективно договарање, како и индивидуалните спорови поврзани со раскинување на договорот за работа (отпуштање) и не исплатување на плата во Македонија е регулиран со посебен Закон за мирно решавање на работните спорови, кој е во примена од почетокот на оваа година. Основната цел на Законот е да им овозможи на работниците и работодавачите, преку соодветна доброволна вон судска постапка, со помош на помирувачи, односно арбитри, да изнајдат заемно прифатливо решение за можните спорови кои ќе ги задоволат нивните потреби и барања.