Во периодот од 14-ти до 18-ти септември во Регионалниот тренинг центар на Светската Царинска организација во Скопје, Царинската управа на Република Македонија во соработка со Светската царинска организација, организира Семинар за борба против фалсификување и пиратерија.
На семинарот, покрај царински службеници, учествуваат и претставници на институции релевантни за заштита на правата од интелектуална сопственост и тоа: Координативното тело за интелектуална сопственост, Државен завод за индустриска сопственост, Државниот пазарен инспекторат и Агенцијата за лекови.
Семинарот овозможува преглед на најдобрите практики во поглед на законодавството за заштитата на интелектуалната сопственост во доменот на фалсификувањето и пиратеријата, размена на искуства во однос на тоа како да се направи разлика помеѓу вистински и „лажен“ производ, запознавање со техниките за анализа ризик, методологијата која оперативните единици на царинските управи ја користат за селектирање на високоризични пратки што резултира со зголемен број на заплени.
Семинарот е составен од теоретски и практичен дел. Теоретската компонента се фокусира на обука на царинските службеници за техники за анализа на ризик и нивно запознавање со тековните најдобри практики, додека практичниот елемент на семинарот има за цел да ги вклучи учесниците во практични активности кои ги симулираат нивните секојдневни работни задачи. Овој двоен пристап обезбедува теоретски основи за техники за анализа на ризик и можност за практична примена на теоријата во акција.
Имајќи во предвид дека продажбата на фалсификувани производи во светот претставува сериозна закана и на економски и на општествен план, Царинската управа на Република Македонија, земајќи активно учество во организацијата, подготовката и реализацијата на овој настан, уште еднаш ја потврди својата посветеност и стратешка определба во борбата против криминалот на сите полиња, вклучително и во борбата против фалсификување и пиратерија.