Почна академската 2015/2016 година

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, на сите студенти им го честиташе почетокот на академската 2015/2016 година и им посака многу успех во текот на студиите. По тој повод, Адеми ги посети Факултетот за исламски науки во Скопје и Државниот универзитет во Тетово. На свеченоста на Факултетот за исламски науки, потенцираше дека со добивањето на акредитацијата од Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, се решила долгогодишната потреба на факултетот, предавањата да се одвиваат по акредитирани наставни програми.

„Радува фактот што за верското образование ова учебна година се определиле триесетина студенти. Тие ќе бидат кадарот кој ќе ја шири филозофијата на Исламот, и кој ќе образува нови генерации по истите принципи. По завршување на образованието, како теолози ќе се вклучат во образовниот процес во нашата држава. Исто така, своето знаење ќе го пренесуваат и на учениците кои го посетуваат верското училиште кое под ингеренции на Исламската верска заедница“, рече Адеми при посетата на Факултетот за исламски науки.

На Државниот универзитет во Тетово, Адеми истакна дека Владата и Министерството за образование и наука во континуитет работат на подобрувањата на студентскиот живот преку обезбедување на солиден број на стипендии за поддршка на студентите кои ќе студираат на техничките факултети, доволно книги и стручна литература – книги од кои се образуваат на многу познати универзитети во светот. Исто така, следејќи ги принципите и препораките на Болоњскиот процес, МОН постојано иницира и поттикнува осовременување на студиските програми и нивно прилагодување на современите светски достигнувања. Со тоа се постигнува висок квалитет на образование на кадрите кои се едуцираат на универзитетите во Република Македонија и нивна конкурентност не само на национално туку и на европско и меѓународно ниво, додаде Адеми.

„Студирањето не е само стекнување на нови стручни знаења, тоа е процес на проширување на Вашите културни, социјални и општествени погледи и интереси. Искрено Ви посакувам и Ве советувам – во текот на студирањето да чекорите со ширум отворени сетила и желба и посветено да ги впивате сите информации и знаења околу вас. Со вашиот избор да имате универзитетска диплома помагате во процесот на модернизација на Република Македонија, но исто така и во процесот на привлекување на странските инвеститори чија одлука за инвестирање во голема мерка зависи од кадровскиот потенцијал на земјата. Секој инвеститор кој доаѓа во земјава има потреба да се потпре на кадар со солидно образование, спремен и отворен за нови знаења и предизвици“, рече Адеми на Државниот универзитет во Тетово.