Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, и владина делегација, од вчера престојуваат во посета на Соединетите Американски Држави.
Во рамките на посетата премиерот Груевски и владината делегација ќе учествуваат и ќе се обратат на бизнис форуми за претставувањето на погодностите кои ги нуди нашата земја за реализација на странски инвестиции и за отворање на нови работни места. Предвидени се и средби со дијаспората во повеќе градови на американска територија. Претседателот на Владата ќе има агенда на настани и обраќања и во рамките на сесијата на Годишното собрание на Обединетите Нации.
Во текот на вчерашниот ден, премиерот Груевски и владината делегација присуствуваа и се обратија на бизнис форум во Колумбус, главниот град на сојузната држава Охајо. Бизнис форумот се одржа во соработка со економската групација Колумбус 2020 и на него присуствуваа поголем број на бизнисмени од разни сектори.
Претседателот на Владата Груевски во своето обраќање се осврна на пакетот на поволности кои нашата земја ги обезбедува за реализација на инвестиции. Тој ги акцентираше најниските трошоци за компаниите за водење бизнис во Европа, претставени преку ниските и рамни даноци и погодностите во технолошко – индустриските развојни зони. Потенцирајќи ги позитивните макроекономски индикатори, како што се растот на бруто домашниот производ и извозот од зоните, ниското и умерено ниво на надворешен државен долг, стабилната стапка на инфлација, македонскиот премиер истакна дека овие показатели нудат предвидливо бизнис опкружување кое е позитивно за креирање и развој на бизниси.
Тој се осврна на владината ориентација за постојан дијалог со бизнис заедницата во насока на креирање на добра бизнис клима, и отвореноста на Владата за решавање на конкретни предизвици со кои се соочуваат компаниите во својата работа, при што го истакна проектот Регулаторна гилотина.
Еден од најважните проекти кои нашата земја ги имплементира во последните години и кој ни помогна да ја подобриме бизнис климата е проектот Регулаторна гилотина. Овој проект беше имплементиран заедно со стопанските комори и со повеќе од 300 компании, различни по големина, од различни индустрии и сектори, и овој проект значеше кратење или пак поевтинување на илјадници бирократски процедури во земјата што многу им помогна и на домашните и на странските компании, истакна премиерот Груевски.
Премиерот се осврна и на проектите во образованието чија што цел е градење на конкурентна и талентирана работна сила, како еден од аргументите за привлекување на странски инвеститори и во функција на обезбедување на вработување и професионален развој и надградба на македонските работници.
Оваа поента од владината политика за инвестиции во образован кадар беше потврдена и од претседателот на Бордот на директори на Кемет електорникс, Франк Бранденберг, кој во своето обраќање пред присутните, и преку конкретни примери, како еден од најголемите квалитети на нашата земја ги истакна токму способностите на работниот кадар.
Во Македонија воспоставивме Центар за поддршка на клиентите од цела Европа, и тоа не само заради способностите за познавање на странските јазици туку затоа што луѓето во тој центар имаат бизнис способности. Кога се јавува клиентот и има прашања за на пример фактурирањето, за цените, за испораките, луѓето во центарот не само што ги зборуваат јазиците на клиентите, како на пример италијанскиот, германскиот или друг европски јазик, затоа што клиентите се од цела Европа, туку луѓето во центарот разбираат што клиентот прашува, односно имаат чувство за бизнис, истакна Френк Бранденберг, престедател на Бордот на директори на Кемет Електроникс.
И Нагенда Равандала од компанијата Абот Лабс, која се наоѓа на 61 позиција на листата на 500 најбогати светски компании Форчјн 500 (Fortune 500), беше согласен дека од податоците кои ги беше слушнал на презентацијата може да се забележи дека една од компаративните предности на нашата земја е едуцираноста и талентираноста на работната сила.
Она што ме заинтригира е балансираниот пристап кој Македонија го има, и кој што значи не само да се создаде простор за поддршка на производствените капацитети туку и понудата на талентирана работна сила. Компаниите како нашата, кои имаат интерес за инвестиции, не бараат само простор за реализација на деловните операции туку се интересираат дали има работна сила која може да помогне во развивањето на локалните подружници и правецот на постојан раст на компанијата. Мислам дека Македонија ги поседува овие компетенции, изјави Нагенда Равандала од компанијата Абот Лабс.
Присутите бизисмени дадоа позитивна оценка за понудата која ја обезбедува нашата земја за реализација на странски инвестиции.
Она што го слушнав претставува значајно поттикнување за компаниите да дојдат и да се лоцираат во Македонија. Мислам дека имате значајни драстични предности и тоа во поглед на даноците, ориентираноста на Владата за унапредување на бизнис климата и едуцираната работна сила. Тоа е многу атрактивно за бизнисмените да отвораат бизниси во Македонија, изјави Мајкл Ставроф од компанијата РГ Бери Корпорејшн.
Како најголем и главен град на државата Охајо и 15-ти најголем град во САД, Колумбус е карактеристичен по разновидната економија базирана на повеќе сектори: образование, банкарство, технологија, енергетика, здравство, осигурување, авијација, логистика, мода, итн.
Колумбус неколку пати беше рангиран меѓу најдобрите градови во Америка за водење бизнис од страна на Форбс (Forbes), Бизнис Вик (BusinessWeek) и Ефдиај Магазин (FDi Magazine), а во градот има седишта на поголем број на компании кои се наоѓаат на листата Форчјн 500(Fortune 500).