Шведска воведува стандардно работно време од шест часа. Компаниите во земјата веќе ја имплементираат промената, поради целогодишното истражување за да се споредат трошоците и бенефитот од пократкото работно време.
„Иако истражувањата покажуваат дека тоа е мошне лоша идеја, голем дел од нас работат и по 50 часа неделно и повеќе затоа што мислиме дека на тој начин ќе сработиме повеќе и ќе имаме поголем бенефит, но според истражувањето спроведено минатиот месец, во кое биле вклучени 600.000 луѓе, оние што работат по 55 часа неделно имаат 33 отсто поголем ризик од добивање срцев удар, за разлика од оние што работат 35 – 40 часа неделно“, пишува Сајнс алерт.
Одлуката за скратување на работното време се должи на резултатите од истражувањата што покажале дека со пократкиот работен ден персоналот би бил помотивиран и би имал повеќе енергија да сработи повеќе за пократок период.
Линус Фелдт, извршниот директор на компанијата од Стокхолм Филимундус вели дека со воведувањето на скратеното работно време не само што продуктивноста останала иста, туку се забележуваат и помал број на конфликти помеѓу персоналот, затоа што луѓето се посреќни и поодморени.
За да се справат со значајното скратување на работното време, Фелдт посочува дека вработените биле замолени да се држат настрана од социјалните мрежи и од другите работи што би им го одземале времето на работното место и на состаноците.
„Мој впечаток е дека сега е полесно вработените поинтензивно да се фокусираат врз работата што треба да се заврши и имаат сила да ја завршат, а сепак имаат и понатаму енергија кога си заминуваат од работното место,“ вели Фелдт.
Извор: Нет Прес