Од почетокот на оваа седмица, Европскиот парламент одржува пленарна седница во Стразбур, во рамките на која вчера се одржа дебата меѓу лидерите на политичките групи и претседателот на Франција, Франсоа Оланд и канцеларот на Германија, Ангела Меркел, а во врска со заедничко решавање на актуелните предизвици со кои се соочува Европската унија.
Бегалската криза е причина за овој прв заеднички настап на лидерите на Франција и Германија во Европарламентот после падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година.
„Посетата на Франсоа Оланд и Ангела Меркел е симбол на француско-германското помирување и европското единство. Кога француско-германската соработка не функционира добро, цела Европа страда. Ако, во услови на криза, Франција и Германија дојдат до добар компромис, тоа е во корист на сите партнери и на целата територија на ЕУ“, – истакна претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц.
Свое обраќање на пленарната седница имаше и шпанскиот крал Фелипе VI, кој ја повика ЕУ да ја третира бегалската криза со „великодушност, солидарност и одговорност“.
На дневен ред пред европратениците, пред денешниот завршен ден, беа уште:
- Соработката на ЕУ со Турција за сирискиот конфликт;
- Фолксваген скандалот со емисијата на издувни гасови;
- Мерките против загадувањето на воздухот;
- Ефективното распоредување на буџетот на ЕУ за помош на Грција;
- Финансиската помош за стечајците во автомобилската и авио индустријата во Германија, Италија и Белгија,
- Штетите од поплавите во Бугарија и Грција.