МОК со нова финансиска помош за најдобрите македонски скијачи

На состанокот меѓу претседателот на МОК, Васил Тупурковски и претседателот на ИОК, Томас Бах беше договорена нова финансиска помош за нашите најдобри алпски скијачи, во износ од почетни 36.000 американски долари.

Овие финансиски средства ќе бидат наменски искористени за подобрување на заедничките Олимписки планови и програми на Скијачката федерација на Македонија во насока на унапредување на резултатите на нашите најдобри алпски скијачи во претстојната натпреварувачка сезона.

Оваа финансиска помош посебно ќе помогне во реализација на амбициозната програма „ЗОИ ПЈОНГЧАНГ 2018“ на Скијачката федерација на Македонија односно на селекторот Иван Лесевски и олимпискиот стипендист, Антонио Ристевски кој на ЗОИ СОЧИ 2014 го освои 29-то место во слалом, што воедно е најдобар резултат во досегашните настапи на македонските спортисти на ЗОИ и воопшто во историјата на македонските зимски спортови.