Откриени обиди за избегнување на царински давачки од околу милион денари

Во септември 2015 година, царинските службеници од Царинарница Штип открија два обиди за избегнување на царински давачки во износ од околу милион денари (989.935 денари).

Во првиот случај, фирма увозник од Кочани за увозно царинење пријави машина за лемење во вредност од 95 илјади евра со преференцијално потекло од Франција, царинска стапка 0% и увозни давачки во износ од 1 милион денари. Заради основано сомневање во верoдостојноста на приложениот доказ за преференцијално потекло на стоката, Царинската управа се обрати до Царинската служба на Франција со барање за дополнителна проверка на истиот, од каде е добиен одговор дека стоката не ги исполнува условите за стекнување со преференцијално потекло и истата е со царинска стапка од 10%. Врз основа на новоутврдената вредност на стоката извршена е дополнителна пресметка за наплата на царински долг по предметната декларација, при што е утврдена разликата во увозни давачки од 915 илјади денари, од кои 775 илјади денари по основ на царина и 140 илјади денари по основ на ДДВ.

Во вториот случај, фирма увозник од Штип за увозно царинење пријавила ХТЗ опрема во вредност од 4.934,78 евра, при што приложила доказ за преференцијално потекло на стоката од Бугарија, со царинска стапка 0% и увозни давачки во износ од 57 илјади денари. И во овој случај, заради сомневање во веродостојноста на доказот за потеклото на стоката, Царинската управа се обрати до Царинската служба на Бугарија со барање за дополнителна проверка на истиот, од каде е добиен одговор дека стоката не ги исполнува условите за стекнување со преференцијално потекло, како резултат на што се јавува разлика од 75 илјади денарипомеѓу пријавените и новоутврдените увозни давачки (без преференцијално потекло), од кои 63 илјади денари на име на царина и 12 илјади денари ДДВ.